МИЛИОНСКИ СКАНДАЛ: Kривична за скопски градоначалник и неговите соработници
Објавено во: Македонија 03 Октомври, 2024
Полицијата поднесе кривична пријава против градоначалник на скопска општина.
Против него и пет негови соработници, како и едно правно лице, е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување.
Соработката помеѓу Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал довела до откривање на овој случај. Истрагата покажала дека групата, во која освен градоначалникот спаѓаат и пет вработени во Секторот за урбанизам во општината, овозможила на едно правно лице да легализира бесправно изградени тениски терени, иако тоа е спротивно на важечките закони.
„И покрај тоа што тениските терени се временски објекти и не можат да бидат предмет на легализација, комисијата, во чиј состав биле вработените од општината, констатирала дека истите ги исполнуваат условите за легализација“, велат од полицијата.
Додаваат дека со потписите на градоначалникот и членовите на комисијата, било издадено решение за утврдување на правен статус на бесправниот објект, со што на правното лице му било овозможено да стекне имотна корист од околу 147 милиони денари.