Министерски смени, колку културата е моќна и важна за земјава?
Објавено во: Македонија 22 Мај, 2018 06:25
Во пресрет на новата владина реконструкција со која се очекуваат смени на министри во неколку клучни ресори, не стивнуваат реакциите во јавноста. Дел од културните работници во земјава сметаат дека во Македонија, од нејзиното осамостојување па сѐ до денес се случува загрижувачка, вратоломна ентропија, распадливост во речиси сите општествени страти. Па оттука она што е доминантен наратив наметнат од политичко- партиските водства, е владеењето на медиокритетството, клиентелизмот, клановството и партиско-пазарниот концепт. Искра Гешоска, културен работник во независниот културен сектор и претседател на „Контрапродукт“ (асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики), за Фактор вели дека партиите сериозно се загрозени и воедно заробени во незнаење но и во партиско-политички пазарења за образованието, здравството, судството, финансиските политики и последно но не помалку важно, културата.
Според неа незапирлива е оваа институционална и оштествена девастациј која во изминативе 25 години како што вели го изгуби компасот и ќе треба многу време за повторно да се најде пристаништето на идентификација со она што се нарекува заедница и со она кое би требало да промовира заеднички вредности и добра.
“Партијата е еквивалент на државата – таа дури е над државата. Згора на сѐ, се чини дека сите вредносни вертикали, кои во ваков или онаков облик ги наследивме од социјализмот, а кои беа поврзани со желба за создавање на социјална држава со репрезентативни, референтни јадра во сите области, се урнисаа. Нѐ задуши паланечкиот дух, полн со партикуларни интереси на поединци и на мали групи кои функционираат од интерес. Многу големи зборови, а малку дела – тоа е новата македонска политичка култура”- вели Гешоска.
Културата и образованието според неа се двете најневралгични точки кои нашиве транзициски и посттранзициски политички „елити“ не успеаа никако да ги вбројат во списокот на клучни и приоритетни точки за развојот на едно еманципаторско и демократско општество.
“Никој до сега од нашите „владетели“ не сфати дека целиот сплет на значења, дејности, десјтвувања што со себе го носи она што се означува како култура има длабоки општествени, социјални, економски импликации.Историјата ни укажува дека културата е оној темел врз кој понатаму се поставуваат арматурите на сите други сегменти во општеството. Сведочиме, историски, дека таа служи многу често и за политички манипулации – за тоа ни говорат тоталитарните режими какви што се фашизмот и Сталиновиот комунизам. Но, еве, и да не одиме толку длабоко и далеку во историјата на политиката. Доволно е да погледенеме што се случи кај нас во изминатите 11 години. ДПМНЕ ги понижи и современата култура и културното наследство, ставајќи ги во функција на партикуларните партиски цели. Не само што се обезвредни значењето на културните практики туку тие беа ставени во служба на цел еден криминоген-идеолошки апаратус, преку кој популистички и автократски се владееше – културарата стана опиум за народот”- нагласува претседателката на “Јадро”.
“Етно-национални концепти за културата-смртна пресуда за развојот “
Оттука како што вели мора да се работи на сериозни културните политики во кои ќе се отфрлат етно-националните „граматики“ на живеењето, решенија во кои ќе мора да се говори за интеркултурни политики, за плурални културни идентитети, каде што клучот за отворање и за демократизација се различните култури не исклучиво според етничка, туку според родова, социјална, светогледна припадност. Само така смета дека ова општество ќе може да дојде до консензус за клучните насоки во социо-културниот развиток.
“Она што е застрашувачки, акцентот низ сите овие две децение беше ставен врз етно-националните концепти за културата. Тоа, сметам дека во едно општество каде што постои богатство и разноликост на култури е смртна пресуда не само за културниот развој туку и за развојот на целото општество. Конечно, време е сите да разбереме дека ниту влезот во НАТО ниту влезот во Европската унија нема да нѐ спаси од игнорантноста и од ретроградноста. Тие се проклето втемелени во нашиот мислечки апаратус кој наместо да произведува критички, современи светогледи, сѐ уште, во 21 век, произведува националистички дискурси”- објаснува Гешоска.
Она што сите влади го пропуштаат во своето владеење и политичко делење на колачот вели е поради фактот дека не разговараат за вредности, за професионалност, за развојни политики, за експертиза туку најбрутално се пазарат. Затоа и се јавува чувство дека ниту една власт сеуште не научи ништо од грешките на претходниците ниту од досегашните состојби.
“Не знам што прават и што муабети тераат кога „го делат колачот“, но пропуштаат дека тоа не е нивни „колач“. Тоа е нашиот леб на животот. Мојот впечаток е дека не разговараат за вредности, за професионалност, за развојни политики, за експертиза туку најбрутално се пазарат. Затоа сме до ова дереџе.Затоа што ја гледаме распадливост од ден на ден. Бездната станува сѐ поголема. Македонија станува исклучително непријатно место за живеење. Основните чувства кои што ги предизвикува ова опкружување во кое сме се: насилие, анксиозност, отсуство на достоинствена политичка и комуникациска култура, ерозија на вредносни вертикали, неприпаѓање, заробеност, конфузија, отсуство на застапување за заеднички добра”- вели Гешоска.
Според неа само и само врвно професионално знаење може да му даде политичка релевантност на секторот култура, кој пак не постои изолирано. Секторот култура се проникнува низ сите останати сектори и затоа е толку важен, иако вели нашите политичари не го разбираат тоа.
“Воедно, сѐ додека не разберат партиските челници и пазарџии дека ќе мораат да ја ослободат културата од своите бедни партиски интереси, нема никаде да се придвижиме. Културата мора да ја има својата автономија. Затоа е од пресудно значење секој иден министер да биде ослободен од партиските и клиентелистичките партиски повици. Но, воедно, пресудно е тој самиот да биде ослободен од ретроградни, пасивни светогледи. Министрите за култура мора да бидат со најшироки хоризонти и знаења. Тие исто така мораат да ја сфатат својата одговорност за идните развојни и еманципаторски политики. Значи, нужно е да се обезбеди терен во кој ќе се дејствува експертски, автономно и слободно”-додава Гешоска.
Отсуството на критичка и политичка култура, на едно дискурзивно рамниште, на ниво на флоскули, фрази, позајмени синтагми и параграфи од некои Европски текстови создава состојба во која нештата се изрекуваат, се ветуваат. Претходната власт како што вели беше брутална со неистомислениците, но со оваа власт има пошироко поле за критичко изразување. Сепак не е сигурна кои ќе бидат консеквенците за оние кои се обидуваат да укажат критички на опасноста да се отстапи од „ветувањето“ дека ова општество пред сѐ им припаѓа на граѓаните...
“Политиката на ветувањата е мртва одамна. Политиката на фразите, „паролите“, слаткоречивоста, па ако сакате и на популизмите, нѐ води кон сопственото погребение. Сѐ додека нештата остануваат мртво слово на хартија ние сме еднакво мртви. Не гледам дека тоа наскоро ќе се промени. Досегашниот министер е можеби првиот министер во независна Македонија кој ги имаше сите предзнаци на експертиза и на визија за современи културни политики и уметнички практики. Тој, доколку му беа одврзани рацете од партиските притисоци, верувам дека ќе успееше да го реализира она кое знае како треба да се развива. На прашањето зошто партијата од која што беше назначен не го остави да дејствува според неговата експертиза мислам дека ќе треба да дадат одговор од нивната централа.Едно е сигурно – досегашниот министер е пример како оваа змеја ги проголтува и ги изгорува своите најквалитетни кадри”- завршува Гешоска.
С.Б.Можеби ќе ве интересира
ПАК ЌЕ БИДЕ ГЛАСНО, АМА БАРЕМ ЌЕ ЗНАЕМЕ КОЛКУ: Поставени се сите 30 уреди за мерење бучава во Центар
„АКО ОДБИВА ДА ПОТПИШЕ - СЀ Е ЈАСНО“: СДСМ тврди дека Мицкоски не ја зборува вистината за мигрантите
Предлогот за разрешување на Коцевски и Резолуцијата на власта за осуда на манипулациите на опозицијата за мигрантите во Собранието
Нашинците склучуваат бракови во странство, ова се топ три земји...
И МИНИМАЛНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ НА БРЗИНАТА ЌЕ СЕ САНКЦИОНИРА – се менува Законот за сообраќај, еве какви новини се планираат
SMART CITY ВИ Е DUMB CITY: Колозова со критики - „никогаш нема да повеќе да возам“
ОВА СЕ УСЛОВИТЕ ЗА ДА ИМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ: Мицкоски без нив нема да го менува Уставот
Фото: Сите скопски градоначалници синоќа беа на плоштад: Присуствуваа на вклучувањето на новогодишните светилки
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Министерката за финансии негира затворање на Трезорот




