МОГЕРИНИ: Оние кои ја слават победата на Трамп ќе зажалат
Објавено во: Свет 18 Ноември, 2024
Директорка на Дипломатската академија на Европската унија, Федерика Могерини денеска изјави дека како главни опасности за светот ги гледа дополнителните царини, војните во Источна Европа и Блискиот Исток и кршењето на човековите права, особено за Европа.
Поранешниот шеф на дипломатијата на ЕУ додаде дека оние кои денеска ја слават победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД за неколку месеци ќе сфатат дека тоа ќе им биде тешко и за нив.
Таа рече дека е многу загрижена како дополнителните царини воведени за стоки од некои земји ќе се одразат на светската трговија и дека не ја разбира самата логика на воведувањето на тие царини.
За војните во Украина и на Блискиот Исток, Могерини изјави дека е загрижена за тоа како реизборот на Доналд Трамп за претседател ќе влијае на почитувањето на меѓународното право.
„Тоа ќе има импликации во Украина, на Блискиот Исток и на други места во светот. Верувам дека ќе се обиде да го следи она што го кажа“, изјави Могерини.
Таа нагласи дека е загрижена и за кршењето на човековите права и недостатоците во демократските системи.
„Меѓународниот поредок заснован на норми, меѓународното право, едноставно не е релевантен. Верувам дека вредностите се елемент кој ќе има влијание во сите делови на светот од Европа до САД. Човекови права, владеење на правото, демократија, различност и инклузија“, рече Могерини.
Таа истакна дека е многу загрижена за тоа што американскиот претседател не само што ќе каже, туку и ќе го направи во однос на оние фундаментални вредности што ги зближија земјите во трансатлантската заедница.