МУРТЕЗАНИ Е НОВИОТ ГЛАВЕН ПРЕГОВАРАЧ СО ЕУ: Привилегија е да работам за европската иднина и стандард на живеење
Објавено во: Македонија 17 Септември, 2024
Mинистерот за европски прашања, Орхан Муртезани е новиот главен преговарач со Европската Унија (ЕУ) за членство на Македонија во заедницата, одлучи Владата на денешната седница. За негов заменик е назначена заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
„Привилегија е да работам за европската иднина и стандард на живеење на моите сограѓани рамо до рамо со нашите стратешки партнери. Задачата ја земам со голема одговорност и чест. Патот може да ни е долг, но дестинацијата ни е конечна. Ние сме ЕУ“, напиша Муртезани на Фејсбук по назначувањето.
Како што соопштија од Министерството за европски прашања, на денешната владина седница, Министерството е задолжено да подготви нова одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на државата во Европската Унија.
Македонија долго време е во чекалната на ЕУ. Сега треба да направи уставни измени за да продолжи по европскиот пат.