На царинските службеници уапсени во „Премин“ им се одземени парите и повеќе нема да ја извршуваат професијата
Објавено во: Македонија 10 Јануари, 2025
Поднесено е обвинение против 16 лица,откако во октомври минатата година полицијата уапси поголем број на царински службеници и полицајци осомничени дека земале мито од превозници на стоки на граничните премини Ново Село и Дојран во случајот „Премин“.
До Основниот кривичен суд Скопје доставен е обвинителен акт против 14 лица и обвинителен предлог против две лица, а донесена е и одлука да им се забрани повеќе да ја извршуваат истата професија, односно воопшто да не работат во ниту еден друг државен орган.
„Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13 царински службеници од кои едниот е во пензија и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ. Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 КЗ. Едно лице освен за погоре наведените две дела е обвинето и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ“, објави ОЈО.
Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело Злоупотреба на службената положба. Инаку за две лица постапката е запрена.
Ќе им се одземат и парите при извршените претреси - 51.885 евра, 663.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири. Доставен е и предлог за продолжување на мерката притвор против шест лица.
„Истражната постапка е отворена во октомври минатата година кога беше спроведена полициска акција под кодно име Премин поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа и увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе“, се додава во соопштението на Обвинителството.
Согласно КЗ за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години.