ДИРЕКТНИ ЛИНИИ ОД СКОПЈЕ ДО АМСТЕРДАМ И ПАРИЗ - надлежните најавуваа нови дестинации во следниот период
Објавено во: Македонија 10 Јануари, 2025
Наскоро ќе бидат воведени две нови авиолинии од Скопскиот аеродром. Како што најавуваат надлежните во следниов период ќе се воспостават директни линии со Амстердам и Париз.
- Имаме две добри вести, првата е дека конечно ќе се воспостави директна линија од Скопје до Амстердам, што е огромна можност за туризмот, со оглед дека Македонија е популарна дестинација за Холаѓаните. И најновата вест е дека авиокомпанијата Изиџет формално поднесе документи во министерството за Скопје-Париз до аеродромот “Орли”, кој што е најблиску до центарот на Париз - најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој потенцираше дека во наредниот период се очекува да бидат потврдени уште 3-4 дестинации до кои ќе се лета од македонските аеродроми.
- Во услови каде приштинскиот аеродром го заминува скопскиот, а охридскиот ќе добие сериозна конкуренција во аеродромот во Валона кој што се гради во моментов, како и во помалите грчки аеродроми во северниот дел на Грција, сфатив дека мора да направиме драстична промена.
Таа промена ја направивме со политиката на субвенционирање на летови, каде што прво субвенциите ќе одат по патник кој што доаѓа во Македонија, а не по патник кој што заминува од државата, како што правела претходната власт.
Второ, драстично се зголемени субвенциите, и за охридскиот аеродром се повисоки од скопскиот, со цел привлекување на туристи. Тоа ги даде првите резултати и веќе имаме 8 нови линии. Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и Штутгарт, а од Охрид како дестинации се потврдени Базел и главниот аеродром во Истанбул - истакна Николоски.
Потоа дополни дека благодарение на поврзувањето со аеродромот во Истанбул веќе има резервации на карти од Сиднеј, Вашингтон, Торонто и други светски метрополи до Охрид.