„НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА, НАЈВЕРОЈАТНО БЕБЕТО БИЛО ПРЕДОЦНА ДОНЕСЕНО“: Таравари за случајот со бебето што почина во средината на декември
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2025
Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска информираше
дека според извештајот за седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника во
Скопје, нема констатирано лекарска грешка.
„Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделник. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка,“ изјави министерот на прес-конференција, одговарајќи на прашања од новинарите.
На прашањето каде се наоѓа проблемот што доведе до трагичниот исход, Таравари посочи дека е можно бебето да било донесено предоцна.
„Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето. Меѓутоа, констатирано е дека нема лекарска грешка,“ додаде тој.
Случајот се однесува на седуммесечно бебе кое почина на 16 декември на Одделот за интензивна нега на Детската клиника.
По настанот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведе вонреден надзор и препорача Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор врз лекувањето на детето.
Според досегашните информации, бебето било донесено на Клиниката во влошена здравствена состојба на 11 декември и веднаш било хоспитализирано на Одделот за неврологија. Лекарите иницирале повеќе испитувања, но по дополнително влошување на здравствената состојба на 13 декември, бебето било префрлено на Одделот за интензивна нега.
Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, исто така изјави дека сите медицински процедури и третмани биле строго почитувани. „Се работи за неоснован притисок врз Клиниката и медицинскиот персонал,“ рече Мемеди, додавајќи дека нема доказ за лекарска грешка.