СДСМ ПРЕДЛОЖИ МЕРКИ ЗА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО: Работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болните
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2025
СДСМ предложи итни мерки за борба против аерозагадувањето.
Од опозициската партија бараат во Министерството за животна средина да биде донесена програмата за чист воздух, а Владата да ги субвенционира домаќинствата, градинките, училиштата и јавните објекти за замена на нееколошките системи за затоплување со чисти технологии. Понатаму, бараат интензивни инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии како инсталации, сервиси, диви депонии и стрништа, но и контроли на градилиштата и стопирање на градежни работи во градовите со зголемено загадување. Предлагаат и интензивни активности за зголемување на јавната хигиена со миење на улиците, чистење на дивите депонии и собирање на отпадот. Една од мерките е и засилена контрола на техничката исправност на возилата, особено дизел-возилата.
„Потоа, работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болни во деновите со екстремно загадување, да се направи реорганизација на работното време за работници на отворено, со скратена работа од 11:00 до 17:00 часот и да се воведе забрана за спортски и културни манифестации на отворено при високо загадување“, изјави на денешната прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од СДСМ, мора да ги промени погрешните политики и да почне нешто да презема зашто загадениот воздух не е само статистика туку директно влијае врз животите.
„Ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за милијарда евра за чист воздух, за намалувањето на загадувањето за 50 отсто се покажаа како голема лага“, додаваат од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена изјави дека единствен начин како може да се намали емисијата на штетни честички е од ноември до март да се смени системот на затоплување на домовите.
фото СДСМ