НА ЖЕНАТА И ТРИТЕ ДЕЦА ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛ ДЕКА СИТЕ ДОМА ЌЕ ГИ ЗАКОЛЕ - се бара притвор за 43 годишен гостиварец
Објавено во: Македонија 10 Март, 2022
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар повел постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжено кривично дело - Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Обвинителството постапува по кривична пријава против 43-годишниот гостиварец, кој во повеќе наврати, со телефонски јавувања и СМС пораки, се заканувал на неговата ќерка и на неговата сопруга, со кои извесен период не живееле заедно.
На 8 март тој и лично дошол пред станот во кој престојувала сопругата со нивните три деца, ѕвонел на домофонот и по кратка расправија и се заканил дека ‚сите дома ќе ги заколе'. Полициските службеници, вршејќи проверки по пријавените закани, констатирале дека осомничениот и претходно е пријавуван за повеќе кривични дела, меѓу кои и за загрозување на сигурноста и телесна повреда при семејно насилство, па од тие причини станува збор за сериозни закани спрема оштетените.
Осомничениот е лишен од слобода, а надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар поднесе предлог за определување мерка притвор поради опасноста тој да се даде во бегство или да го повтори делото“, се вели во соопштението од Обвинителството.