НЕ ПРЕСТАНУВААТ МАКИТЕ НА БЕТОН СКОПЈЕ - компанијата има блокирана сметка, Берзата ја стави на листа за набљудување
Објавено во: Економија 01 Септември, 2022
Не престануваат проблемите на градежната компанија „Бетон“ Скопје.
Откако компанијата вчера преку берзата извести дека за неа оваа година е најтешка од историјата на постоењето, како и дека за тоа многу придонеле некоректниот однос од Јавното обвинителство, Народната банка нао и од други државни институции, Берзата, пак, одлучи да ја стави градежната компанија на нејзината специјална Листа за набљудување, поради, како што објаснуваат оттаму, со блокирана сметка.
Берзата ги става компаниите на листа на набљудување тогаш кога тие имаат некакви проблеми или некакви значајни промени, што треба да биде знак за инвеститорите дека состојбата не е редовна кај таа соодветна компанија и дека очите треба да им бидат широко отворени доколку се решат да инвестираат во таа фирма, односно да купуваат од нејзините хартии од вредност.
„Ве известуваме дека на 31.08.2022 година е донесен заклучок за внесување на издавачот Бетон АД Скопје на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација.
Внесување на друштвото Бетон АД Скопје на „Листата за набљудување“ е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради тоа што друштвото има блокирана сметка“, се вели во соопштението од Берзата.
Инаку, како што вчера пишуваше Фактор, „Бетон“ се обрати со драматичен повик до јавноста и до сите негови кредитори, признавајќи дека состојбата е многу тешка, но дека тие ќе ги исплатат сите свои обврски, а тоа им го дозволува активата на компанијата, но и ненаплатените побарувања.
Од компанијата вчера, во долго соопштение во кое се образложуваат сите детали, изјавија дека дека тие имале план за санација на компанијата, но тој не се успеал да се реализира поради, како што тврдат, спротивно на закон постапување на Јавното обвинителство.Од Бетон уште и велат дека во јавноста излегле паушални коментари и анализи за работењето на нивната компанија, и дека сите биле извадени од контекст од соопштенијата на компанијата, за кои се сомневаат дека имаат за цел дополнително да го разрушат кредибилитетот на компанијата и на менаџментот, не земајќи ги во предвид фактите и контантните пречки поставени од државните институции. Еден од најфрапантните примери за ова била неможноста компанијата сè уште да го предбележи веќе изградениот хотел во центарот на Скопје, за кој има градежна дозвола. Имено, Катастарот на РМ одбива да го направи истото, поврзувајќи ги законските обврски со политички препукувања и покрај тоа што има добиено конкретни насоки од Кривичниот суд да го спроведе предбележувањето и потврда дека за тоа не постојат никакви законски печки.
Сепак, од Бетон укажуваат дека тие имаат доволно пари да се раздолжат со сите кредитори.„Вредноста на активата на компанијата, како и побарувањата од изработените и неисплатени ситуирани работи, како и потенцијалните обештетувања кои ги очекуваме како завршница на сите судски процеси заради нерегуларно раскинување на договори, се драстично поголеми од обврските што ги имаат доверителите и истите ќе бидат подмирени во целост“ децидни се од компанијата.
Н.Н.Ф.