Недела останува неработен ден, Уставниот суд не донесе одлука
Објавено во: Македонија 14 Септември, 2022
Уставните судии денеска се изјаснија дека го поддржуваат рефератот и поради тоа немало кворум за донесување одлука за случајот со недела неработен ден.
Уставниот суд на денешната седница не одлучуваше по иницијативата поднесена од Стопанската комора на Северна Македонија поради немање кворум. Тоа значи дека законското решение за работни односи со кое се регулира работењето во недела останува и понатаму.
Судија Осман Кадриу на седницата посочи дека станува збор за иницијатива со чувствителна содржина затоа што со неа се оспорува во целост Законот објавен во Службен весник бр.288/2021..
- Апсолутно не може да се доведе во прашање дека со оспорениот Закон се повредуваат уставните одредби. Со оваа иницијатива се индивидуализира и конкретизира едно право кое со Уставот се гарантира. Кога станува збор за права што Уставот ги гарантира тие добиваат на значење. Не може да се доведе во прашање сомнежот за уставноста на оспорениот Закон. Законот треба да продолжи да е во сила, вели Кадриу.
И за претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, нема ништо спорно во рефератот.
-Крајно време беше да се донесе ваков Закон. Членот 2 е многу јасен и не е спротивен на ниту една одредба од Уставот. Нема подвојување на работодавачите, секој може да работи во недела, но тоа треба да им се плати. За мене ништо не е спорно во овој реферат, потенцираше Кацарска.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера го повика Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора, бидејќи, како што велат, е спротивна на Уставот. Според ССМ, со иницијативата ќе се задре во веќе утврдено право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа за период од седум дена на илјадници работници во државата.