Нема тајни! Еве ја цената по која нашите фирми ќе може да купат бугарска струја!
Објавено во: Економија 14 Септември, 2022
Веста од нашата влада дека обезбедиле 200 мегавати струја за период од 1 октомври до 30 март остави многу недоречености и недоумици во јавноста. Најголема непознаница остана цената што нашите фирми би ја платиле за секој увезен мегаватчас струја. За тоа никој од нашиот естаблишмент не даде информација и сите мудро молчат повикувајќи се на работни стручни групи. Да не заборавиме, струјата е берзански производ и нема да ја добиеме „на лепе очи“. А последниот официјален ценовен сигнал од Бугарската берза за струја е дека на денешната аукција некој купи 110.450 мегаватчасови по цена од 410 евра за мегаватчас. Веќе има референтна цена и за 2023 година и таа изнесува 380 евра за мегаватчас. На овие цени нашите фирми треба да платат и преносен капацитет, државни давачки и секако неизоставна трговска маржа
Бугарската струја што може да биде испорачана за фирмите во Македонија тешко дека може да биде поевтина од 410 евра за еден мегаватчас и тоа за периодот од почетокот на октомври па до крајот на декември, годинава.
Овој податок е официјален и е јавно достапен на веб страницата на Бугарска берза за електрична енергија (ИБЕКС) и е резултат од последната аукција за испорака на струја за последниот квартал годинава. Продавач е најголемата термоцентрала на Балканот Марица Исток 2 која се наоѓа кај Стара Загора во Бугарија. Производителот на пазарниот сегмент билатерални договори на ИБЕКС понудил закуп на 50 мегавати снага за периодот од 1 октомври до 31 декември годинава. Тоа се вкупно 110.450 мегаватчасови струја и за секој мегават купувачот платил 813 бугарски лева или околу 408 евра за мегаватчас. Доколку таа струја се носи за Македонија треба да се плати преносен капацитет кај систем операторите МЕПСО и бугарски ЕСО, а во нашата земја треба да се плати и ДДВ, а секако и трговска маржа.
И оваа купопродажба се однесува само на ангажиран капацитет за производство што е само една четвртина од тие 200 мегавати што ги најави премиерот Ковачевски...
Има референтна цена и за струјата што ќе се произведе идната година. Аукцијата е организирана исто така денеска, а продадени се 25 мегавати снага за сите 365 дена идната година. Преведено во количина струја тоа се вкупно 219.000 мегаватчасови со испорака од 1 јануари па до 31 декември идната година. Цената за еден мегаватчас изнесува 754 бугарски левови односно околу 380 евра за еден мегаватчас. Продавач е повторно централата Марица Исток 2.
Овие цени постигнати на сегментот на билатерални договори се значаен ориентир за учесниците на таканаречениот „спот маркет“ односно на берзата за струја на која се тргува ден однапред што значи купопродажбата е денеска, а испораката на струја наредниот ден.
Доколку се реализира најавениот договор по посетата на нашата Влада на софија цените што ќе ги добијат нашите компании веројатно нема да бидат пониски од овие постигнатицени на берзата. На овие цени се додаваат реалните трошоци на трговците кои се состојат од берзански провизии, закуп на прекуграничен капацитет за пренос на струјата, други давачи и на крај трговската маржа за посредниците доколу оди трогвијата преку посредници. А тоа е многу веројатно затоа што државите не најавија дека ќе склучат бартер аранжман или друг формат на соработка со кој би се избегнале дополнителните давачки.
Повеќе детали за денешната аукција на следните линкови https://ibex.bg/en/ и https://www.ibex.bg/uploads/TenderIntention_514.pdf
Р.Ф.foto freepik.com/fahroni