Од СДСМ го прозваа Муцунски затоа што во паркови во Аеродром се забележани змии
Објавено во: Македонија 27 Август, 2022
Oд СДСМ го прозваа градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски затоа што на јавни површини деновиве се забележани змии, а велат дека ништо не е преземено.
„Изминатите денови по социјалните мрежи се споделуваат голем број фотографии на граѓани од појавата на змии низ урбаните делови во општина Аеродром. Парковите, детските игралишта, паркинзите стануваат опасност по граѓаните на Аеродром“, се вели во соопштението за јавност на ОО СДСМ Аеродром.
Додаваат дека родителите се во страв.
„Покрај проблемот што се случува со зголемениот број на бездомни кучиња, сега поголем проблем е енормната појава на змии низ парковите во Аеродром. Крајно неодговорниот пристап на градоначалникот Муцунски станува опасност по граѓаните на општина Аеродром. Преокупираноста на Муцунски со теми поврзани од централната политика и остварување на личните амбиции ги загрозува граѓаните на општина Аеродром“, додаваат од партијата.
Повикуваат општината веднаш да превземе мерки за справување со проблемите, неискосените тревници и расфрланиот шут и отпад веднаш да се исчистат.