ПО НОВА ГОДИНА ЌЕ СЕ ОТВОРААТ КОНКУРСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ЗДРАВСТВОТО: Министерот Таравари најави и нови инвестиции и структурни проекти
Објавено во: Македонија 30 Декември, 2024
Министерот за здравство Арбен Таравари, на денешниот предновогодишен брифинг соопшти што е
сработено во годинава што изминува, и секако информираше за плановите,
проектите и стратегиите на Министерството за здравство за Новата 2025 година.
Информираше дека средства од буџетот за вработување на 1.117 здравствени работници и обезбедување на 600 приватни специјализации се веќе обезбедени. Конкурсите ќе бидат објавени на почетокот на новата година. Таравари нагласи дека на здравствените работници, ангажирани со договор на дело, договорите ќе им бидат продолжени до март 2025 година, а во меѓувреме здравствените установи треба да ги подготват конкурсите за примање, односно за трансформација на нивниот работен однос.
„Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Разговарано е и со деканите на трите медицински факултети во земјава и веќе е договорено да се вработуваат по пет најдобри студенти, а најверојатно овој број ќе се зголеми и на 10 студенти од секој медицински факултет. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја,“ изјави Таравари.
Професори и експерти кои ги ангажирало Министерството за здравство работат на нова Стратегија за здравство до 2030 година, согласно која, ќе се укинуваат исти одделенија ако ги има во блиски градови.
„Имаме помалку доктори. Имаме болници кои се блиску една до друга, а кои имаат исти одделенија. Ако во Охрид и Струга има две болници, тогаш тие ќе се надополнуваат една со друга, нема да бидат конкурентни. На пример, хирурзите ќе работат во Струга, а интернистичките и другите оддели ќе бидат во Охрид. Вака е планот да функционираат и останатите градови кои имаат болници, а се блиску еден до друг. Камо да имаме кадар и да ги имаме сите оддели, но мораме вака да делуваме. Треба да размислуваме долгорочно како да го организираме здравствениот систем“, кажа министерот.
НОВ ПРАВЕН СУБЈЕКТ И ИНВЕСТИЦИИ ВО ЗДРАВСТВОТО
Еден од најзначајните проекти е формирањето на Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза” во Скопје, кој ќе ги обедини клиниките. Според министерот, ова ќе доведе до поефикасно управување и подобрување на здравствените услуги.
Истовремено, работната група за дигитализација, во соработка со Министерството за дигитална трансформација, веќе развива решенија за модернизација на здравствениот систем. Првичните резултати од овие активности се очекуваат напролет, кога ќе се дефинира насоката за дигитализација.
Во врска со дигитализацијата, тој спомена дека во јануари државата ќе прими донација вредна 8 милиони евра. Се работи за софтвер кој ќе овомзожи сите рентген снимки да може доктор да ги гледа на далечина.
„Тоа ќе овозможи пациентот да се сними на пример во Струмица, а резултатот да се чита од Скопје или во некој друг град. Имаме многу рурални места каде што не можеме да најдеме доктори. Во однос на дигитализацијата размислувавме што да правиме во тој правец, па комунициравме со клиники во САД во кои добро функционира овој систем. Целта е да има екипа составена од доктори, кои ќе комуницираат преку Мој термин со сестра ангажирана во некое село, а докторот ќе биде во онлајн комуникација со неа, па ќе даде препораки. Ако смета дека пациентот треба да се пренесе во болница тоа и ќе биде сторено, а ако не, ќе може да препише терапија“, кажа Таравари.
СТИМУЛАТИВНИ МЕРКИ И МОДЕРНА ОПРЕМА
„Свесни за предизвиците во руралните подрачја, планираме воведување стимулативни мерки за привлекување здравствени работници да работат во овие средини,“ истакна министерот.
Во однос на опремата, најавени се инвестиции за повеќе здравствени установи, меѓу кои Клиниката за урологија, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, и болниците во Прилеп и Велес. Исто така, ќе биде инсталиран КТ ангиограф на Универзитетската клиника за кардиохирургија, кој е уникатен во регионот. Најавено е и отворање современ центар за инвитро фертилизација на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ И НОВИ ЗАКОНИ
Министерството работи на изградба на модерни хируршки сали во болниците „8 Септември“ и Тетово, како и нови ургентни и педијатриски центри во Струмица. Болницата „Св. Еразмо“ во Охрид треба да биде отворена во 2026 година, а се спроведуваат реконструкции на болниците во Велес, Гостивар, Прилеп, и Демир Хисар.
– Наш приоритет остануваат КБ Штип и ОБ Кичево, за кои активно работиме на меѓувладин договор со заинтересираните страни. Во однос на законодавството, на пролет се очекува усвојување на новиот закон за лекови, кој ќе биде усогласен со европските стандарди. До крајот на 2025 година треба да се финализира законот за медицински средства, а се подготвува и ревизија на Законот за здравствена заштита. Сите овие активности ја рефлектираат нашата визија за здравствен систем кој е достапен, модерен и ориентиран кон потребите на граѓаните,“ нагласи Таравари, кој ги честиташе Новогодишните празници со желби за добро здравје и успех на сите граѓани.
На брифингот за новинарите присуствуваа и заменик-министерот Јовица Андовски, како и државниот секретар во Министерството, Бесим Мемеди.
Анита Буховски