Подготвено ли е се за гостинката Меркел?
Објавено во: Македонија 08 Септември, 2018
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска е во посета на Македонија, прва нејзина во оваа држава. Според информациите од Владата, свечениот пречек е закажан за нешто пред пладне, додека веднаш по кратка средба со премиерот, Меркел и Зоран Заев ќе дадат изјави во Владата.
Инаку Меркел ќе го помине целиот ден во земјава и треба да остане на прославата по повод независноста на државата.
Фактор веќе пишуваше дека безбедносните мерки се засилени, а во обезбедувањетоо има и германска поддршка. Специјални безбедносни служби за ВИП-личности од Германија ќе асистираат како логистичка помош, додека од македонското Министерството за внатрешни работи не открија многу детали.
- Одделот за заштита на определени личности и објекти, своите надлежности ги темели врз основа на законските и подзаконските регулативи во МВР, а со акцент на „Уредбата за личностите и објектите на обезбедување“, врз основа на која презема редовни, вонредни и посебни мерки и активности.Водејќи се според Уредбата, Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за обезбедување на сите странски државници кои се во официјална посета на Македонија, а се со цел заштита на физичкиот интегритет, авторитет и достоинство на личноста“, изјавија од МВР за Фактор.
Сите улици, местата каде ќе се движи, хотелот каде ќе спие се максимално испитани и обезбедени. Нема потврда, но таа ќе спие во еден понов модерен хотел во центарот на градот.