ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ! Еве како Комерцијална банка успеа да направи 50 милиони евра профит за девет месеци?
Објавено во: Економија 27 Октомври, 2023
Структурата на активата на „Комерцијална банка“ и овозможи за девет месеци да оствари нето каматни приходи од 62,2 милиони евра. Овие приходи се генератор на рекордна добивка од 50 милиони евра, досега незабележана во македонската банкарска корпоративна историја. Ова реално и основано ќе ги зголеми очекувањата на акционерите на „Комерцијална банка“, а цената на таа акција веројатно ќе ја држи на завидно ниво и во периодот што следи. Објективно „Комерцијална банка“ ги подигна на повисоко ниво критериумите за добивка во македонското банкарство
„Комерцијална банка“ ја работи најуспешната година на своето постоење. Ова не е ПР објава туку е заклучок базиран на официјалните податоци од неревидираниот биланс на најголемата македонска деловна банка според активата за првите девет месеци годинава.
Нето добивката на „Комерцијална банка“ за првите девет месеци годинава изнесува 49,56 милиони евра. Во споредба со истиот период лани е повисока за 65 отсто односно за 19, 5 милиони евра, покажуваат бројките од извештајот кој е јавно достапен на сајтот на Македонската берза за хартии од вредност.
Доминантно учество во добивката имаат нето приходите од камати кои банката ги оствари во првите девет месеци годинава. Тие изнесуваат 62,25 милиони евра, никогаш во историјата на банката не биле повисоки. Во споредба со истиот период лани се зголемени за 27,8 милиони евра.
Според коментарот кон извештајот банката објаснува дека значителното зголемување е резултат на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари. Но тоа е во комбинација со структурата на активата на банката. Како и да е резултатот е импозантен иако во суштина, во голема мерка, е последица на разликата меѓу активните и пасивните каматни стапки. Ако може да се изразиме со речникот на сурферите оваа ситуација е : кулирајте и извозете се на најголемиот бран.
Кај втората приходна ставка речиси и нема разлика во однос на претходната година и приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 13 милиони евра. Од курсни разлики банката направи 4,4 милиони евра, а од останатите приходи 3,6 милиони евра.
Дополнителна стимулација за големата добивка даде и нивото на резервации. Тие се исти како и овој период лани, а изнесуваат 8,87 милиони евра.
Банката покажува во континуитет грижа за своите вработени. Трошоците за нив во овој период изнесуваат 12,2 милиони евра и во однос на истиот период лани се повисоки за 1,6 милиони евра. Односно се зголемени за 15 отсто.
Значајно да се истакне дека нивото на кредитни пласмани надмина една милијарда евра. Вложувањата во хартии од вредност се на ниво од 480,6 милиони евра. И во структурата на тие вложувања доминираат државните хартии.
Депозитите на граѓаните се зголемени за речиси 100 милиони евра и тие на крај на септември се на ниво од 2,26 милијарди евра.
Р.Ф.foto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.