05 Декември, 2025
0.0349

ПОПИС ВО 2026 ГОДИНА: Реална потреба или политика?

Објавено во: Анализа 08 Јули, 2025 12:17

Добивај вести на Viber

Ако падне одлука за вонреден попис идната година, Државниот завод за статистика ќе ги преземе сите неопходни чекори за негова реализација – ова е одговорот кој Фактор го доби од институцијата, откако оваа тема во јавноста ја отвори премиерот Христијан Мицкоски, а ја продолжија сите политички партии.

„Како институција, Државниот завод за статистика постојано работи за да биде технички и кадровски подготвен при спроведување различни статистички операции, вклучително и попис на населението, домаќинствата и становите“, рекоа од ДЗС.

Иако велат дека се подготвени, сепак додаваат дека за тоа колку време ќе им биде потребно од одлука за попис до реализација, зависи од квалитетот на административните извори, но и од поддршката. Сепак, нагласуваат дека следниот циклус на пописи е околу 2030 година, односно на една декада.

„Од стручно-методолошки аспект, временската рамка зависи од квалитетот на административните извори и од обезбедувањето навремена финансиска, техничка и логистичка поддршка. Согласно со препораките на Обединети нации, следниот циклус на пописи на населението и становите е околу 2030 година“, ни одговорија од таму.

Македонија и дијаспората една изборна единица – начин да се попишат сите

Премиерот Мицкоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски рекоа дека се подготвени за пописот. Според Мицкоски, пописот треба да се случи само ако Македонија стане една изборна единица, а таа изборна единица да биде вметната и дијаспората, за да не и се исклучи правото на глас.

„Мојот предлог беше за да не се оспори правото на дијаспората, дајте ни една изборна единица и сите гласови една изборна единица. Не можеме да ја развиваме државата врз основа на лажни податоци“, рече Мицкоски.

Фактор праша во Државниот завод за статистика, дали може да се вклучи дијаспората доколку Македонија не стане една изборна единица, на начинот на кој тоа го предлага премиерот, но од таму не сакаа да коментираат.

„Не ни е позната во детали изјавата на Претседателот на Владата за евентуалното попишување на дијаспората, од тие причини не сме во можност да ја коментираме“, кратко ни одговорија.

Политичка желба и подготвеност – „да“, ама „не“

Премиерот е уверен дека со политичка волја, попис идната година ќе има. Но, владината коалиција има два става. Едниот, на ВМРО-ДПМНЕ, односно министерот за дигитална трансформација, дека дигитален попис во 2026 година е нешто што е ставено во владината програма.

„На почетокот на април бевме задолжени од Владата да формираме работна група за дискусија кои услови треба да се создадат за дигитален попис во 2026“, рече Андоновски.

Неговиот коалиционен партнер, Влен, со спротивен став – попис следната година нема да има, ниту тоа се разговарало во владата.

„Секој иден попис мора да биде резултат на длабинска анализа и политички консензус, кој ќе ја исправи измамата на ДУИ и СДСМ и ќе обезбеди фер, инклузивен и прифатен процес од сите страни“, соопштија од Влен.

СДСМ се сомнева во валидноста. Според лидерот на партијата, Венко Филипче, дигитален попис не може да обезбеди прецизни податоци за местото на живеење на граѓаните, ниту да ја потврди нивната национална припадност.

Од ДУИ пак, најавите за дигитален попис во 2026 година ги нарекоа „дигитален инженеринг“.

Пописот од 2021 година го оспори ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција. Уште тогаш, најавуваа дигитален вонреден попис, за да се проверат податоците кои произлегоа од него - 1.836.713 резидентно население, и 260.606 нерезидентно население. Овој попис ја чинеше државата околу 8,5 милиони евра.

Државниот завод за статистика сметка дека со дигитален попис, сумата ќе биде многу помала.

„Предноста на пописот базиран на регистри е во тоа што е многу поекономичен во однос на традиционалниот попис кој се спроведува на терен преку методот „од врата на врата”. Пописот во 2021 година чинеше околу 8,5 милиони евра, а следниот попис со сигурност ќе чини многу помалку средства“, велат од таму.

Уставниот суд претходно укина делови од Методологијата за пописот од 2021 година – оние кои се однесуваат на „резидентно“ и „нерезидентно“ население, со став дека тие не се во согласност со темелната вредност на уставниот поредок и владеењето на правото, но оваа одлука ќе важи за идните попишувања, односно нема да биде реторактивна.

Се наведува и дека тогашниот директор на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што немал законско овластување. Власта најави дека ќе се разгледува дали има кривична одговорност за тоа, но досега, нема најдено ништо такво.

Александар Тодески


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?