ПОВИСОКИ ЦЕНИ ВО ЈСП од 2016: Купен билет кај возач ќе чини 60 денари!
Објавено во: Македонија 18 Декември, 2015
Наместо да добиеме поефтини цени со електронските картички, надлежните решија да ги зголемат цените на автобуските карти.
Имено, отсега за купен билет кај возачот во автобусите на ЈСП ќе се плаќа 60 денари за кој досега се плаќаше 35. Оваа цена надлежните велат е поради стимулација на граѓаните да се пренасочат кон електронските билети кои ќе се надополнуваат со ваучери, наместо да ги тормозат возачите.
Доколку плаќате со мобилен телефон, цената е 40 денари, а за ноќен билет платен со телефон наместо 40, ќе чини 50 денари.
Освен постојните билети, се воведуваат и низа нови во согласност со потребите на корисниците и со еден билет ќе може да се возите во автобус, на жичницата, а и во лифтот на крстот на Водно.
Новитетите на ЈСП се: дневен билет за комбиниран превоз со автобус и жичница во два правца, дневен билет за комбиниран превоз со автобус, жичница и лифт на крстот на Водно во два правца, привремен билет за повеќе возења во времетраење од 90 минути, 7-дневен билет со вклучен еден билет за жичница, како и месечни, тримесечни и шестмесечни карти, но и разни други дополнителни и сезонски билети.
Електронскиот систем на наплата во автобусите на ЈСП ќе започне да функционира од 1 јануари 2016 година, додека во приватните автобуси од мај 2016 година.
Електронскиот, пак, билет за едно возење со електронска картичка во тарифна зона 1 и 2 (градска и приградска зона) ќе чини 35 денари. Опцијата да се купи билет во трафиките на ЈСП по цена од 30 денари како досега ќе ја нема.
Останати видови билети кои и досега беа актуелни и си остануваат и понатаму во промет се: билет за едно возење, ноќен, билет за десет возења, месечен и годишен билет.