Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше 10 часа и постави рекорд во Собранието
Објавено во: Македонија 16 Септември, 2022
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска Трајковска, зборуваше 10 часа на собраниската говорница и го урна македонскиот рекорд на говор во Собранието.
Таа рано утрово зборуваше во Комисијата за избори и именувања на седницата на која требаше да се избере актуелниот републички Јавен обвинител за Уставен судија. Од ВМРО-ДПМНЕ ја пофалија дека го положила тестот на издржливост и поради тоа не бил изгласан Љубомир Јовески за уставен судија.
Некаде по полноќ седницата беше прекината и нејзиното продолжение во собраниската агенда е закажано за денеска во 10:30. Претходно, оваа комисија ги одби сите предлози кои ги достави опозицијата за нови уставни судии, а ги прифати сите предлози кои ги достави мнозинството, со исклучок на Јовески за кого дебата се уште трае. Уставниот суд во моментов има само 5 судии, а му недостасуваат уште 4 за да се комплетира.
„Нов ден - нова можност за активна блокада на криминалците на власт!
После 10-часовно непрекинато говорење за молчењето на Јовески за криминалите на СДСМ/ДУИ јас ќе ѝ порачам на власта:
НЕ СЕ ПОВЛЕКУВАМЕ - ОДГОВОРНОСТ МОРА ДА ИМА“ напиша Бети Стаменковска Трајковска.