Професор Фросина Митрушева: Потребно е целосно рестартирање на образовниот систем
Објавено во: Македонија 02 Април, 2018
“Политиката длабоко навлезе во сферата на образование и воспитание создавајќи слика кај младите дека образованието е само форма која треба да се исполни за да се постигне успех во животот, а некои други активности се суштински. Така добивме хиперпродукција на квазикадри образувани на квазифакултети, со дипломи од квазинауки кои не служат за ништо освен за партиски вработувања во државната администрација. Се разбира, за да се продаде таа лага за тоа што е образование се создаде цел систем на испревртени вредности преку создавање на несоодветни наставни програми и несоодветен наставен кадар кој со својата немотивираност ќе биде соучесник во спроведувањето на идејата за обесписменување на децата”- вели за Фактор, професорката по математика, Фросина Митрушева од скопската гимназија “Раде Јовчевски –Корчагин”.
За ваквите состојби односно за нивно решавање досега вели не било слушнато мислењето на наставниците, практичарите бидејќи со години наставниците се третираат исклучиво како спроведувачи на програмите, а не како креативци кои ја оживуваат наставната материја.
“Не можам да кажам дека укажувањата на наставниците за проблемите биле игнорирани, едноставно затоа што не биле ни слушнати. Наставниците не биле ниту прашани, ниту слушнати за проблемите со кои се соочуваат. Многу години наназад Министерството за образование не бара повратна информација од наставниците за нивната работа во реализацијата на наставните планови и програми. Наставниците се третираат исклучиво како спроведувачи на програмите, а не како креативци кои ја оживуваат наставната материја. Се заборава дека се работи со деца, со жива материја која се менува, расте и еволуирa. Се заборава дека теоријата и праксата треба да бидат во цврста корелација и дека од праксата треба да произлезе потребата за промени”-вели професорката.
Бројот на запишани студенти по природни науки и математика од година во година е сѐ помал. Оттука вели конечно треба да се спроведат сериозни реформи за целосно рестартирање на системот.
“Да, бројот на студенти кои се определуваат за природните науки е се помал, но затоа бројот на запишани студенти на факултетите со т.н. општестевени науки е се поголем. Потребни се целосни реформи во образованието. Според мене, потребно е целосно рестартирање на системот, почнувајќи од основното, преку средното па до високото образование. Потребна е целосна промена на принципите на образование. Образованието треба да го фати чекорот со динамичноста на дваесет и првиот век кој бара сестраност и развивање на вештината на учење, примена на знаењата и прилагодување на промени. Природните науки и математиката се токму оние науки со кои се развива логичкото мислење и вештините за правилно и брзо заклучување и донесување решенија. Затоа е потребно да се врати интересот за овие науки кај младите. Се разбира, потребни се и целосни реформи во општеството кое би ги искористило кадрите од овие профили за свој развој и ќе ги цени како што заслужуваат”- објаснува професорката Митрушева.
На меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици се најдоа на дното на табелата. Дел од проблемите ги лоцира во претрупаноста со тестови со кои се создава навика за брзо учење, без континуитет и знаење.
“Тестовите се основната алатка со која тие ги добиваат крајните оценки. Меѓутоа, погрешната употреба на таа алатка доведува до ситуација децата да не знаат низ процесот на учење да издвојат што е важно, а што е помалку важно. Така се создава навика за брзо учење, поточно меморирање, кое уште побрзо го снемува. Во нашиот систем оценката стана причина за учење а не последица од процесот. Затоа и добиваме слаби резултати на меѓународните тестирања со кои се проценуваат трајните знаења. Многу труд ќе треба да се вложи од страна на наставниот кадар и родителите за да се промени тој тренд и да се врати вербата во вистински, трајни знаења и вештини”- потенцира професорката по математика.
Дел од новините на Министерството за образование и наука се стипендирање на талентираните ученици и отворање на информатичко- математичка гимназија каде што ќе се запишуваат најдобрите ученици, кои ќе работат по специјално изготвени наставни планови и програми. На тој начине се очекува да се подигне нивото на математичко-информатичкото образование во Македонија што преку ваков едукативен центар ќе го зголеми интересот на учениците за математиката. Професорката Митрушева ја поздравува идејата, но вели дека треба да се размислува за зголемување на фондот на часови по математика и во другите училишта.
“Идејата за информатичко-математичка гимназија е секако добра, иако не можам многу да кажам за спроведувањето бидејќи не сум доволно запознаена. Како професор со искуство,кој работел во специјалните математички паралелки и матемамичко-информатичките паралелки кои постоеја пред многу години, од срце ја поздравувам иницијативата за формирање на оваа гимназија. Меѓутоа, сметам дека тоа не е доволно и дека и во останатите гимназии треба да се зголеми фондот на часови по математика, бидејќи таа е основата за развивање на логичкото мислење кај учениците. Се разбира тоа ќе бара и интервенции во наставните програми, како и сериозни обуки на наставниот кадар за примена на креативни методи во предавањата. Но, главните промени и подобрувањето на квалитетот на наставата треба да се случат во основното образование, каде децата се здобиваат со основите за понатамошното изучување на науката”- нагласува професорката Митрушева.
Од Државниот испитен центар велат дека многу мал е процентот на средношколци што ги полагаат предметите математика и природни науки на матурата. Со слични проблеми се соочуваат и техничките науки. Познавањето на математиката и природните науки според професорката е основа за градење логично мислење и за разбирање на другите науки.
“Математиката е секако основа на градење на логичкото мислење. Кај нас последниве години нејзината улога е целосно потценета. На пример, на техничките факултети и факултети на кои се изучува економија се запишуваат студенти кои не полагале математика на државната матура. Тоа за мене е несфатливо и недозволиво. Но, факултетите во трката за студенти ги потценија учениците и ги спуштија критериумите за упис на многу ниско ниво. Така се случи бројот на ученици кои полагаат математика и природни науки драстично да се намали. Учениците почесто на матура полагаат странски јазик и предмети од општествените струки, што кај оние од нив кои се одлучуваат за студирање на факултети каде се потребни предзнаења од природните науки се одразува негативно и во понатамошното школување. Нештата би можеле да се сменат доколку факултетите построго ги дефинираат своите услови за запишување на студенти”- додава професорката.
Младите според неа ја изгубија вербата во иднината што им ја нуди нашето општество. Првиот проблем со кој што се соочуваат по завршувањето на факултетот е вработувањето.
“Две работи се основните причини за иселувањето на младите. Едната е економскиот момент, а другата се можностите за примена на наученото. Тие сметаат дека немаат можности за вработување во струката. Што заради недоволен број на работни места, а што заради воспоставените нефер критериуми за вработување. Затоа иднината ја гледаат надвор, во западните земји кои им даваат шанса да го покажат своето знаење, да се усовршуваат и да напредуваат. Такви можности не гледаат во својата татковина. Вториот момент е економскиот. Ние сме земја на ефтина работна рака. Дури и да се најде работа кај нас, младите се недоволно платени за да можат да живеат самостојно и достоинствено. Се додека нашата држава не им понуди можности на младите за достоинствен живот и шанси за усовршување и напредување во струките кои ги одбрале како своја животна определба, егзодусот ќе продолжи”- вели професорката.
Нејзините досегашни искуства вели се нетипични. Има среќа да работи во училиште каде се запишуваат деца кои се амбициозни и сакаат да учат. Ја сакаат математиката и природните науки, па навистина е привилегија и радост да се работи со нив. Иако и кај нив се чувствува опаѓање на мотивираноста, како што вели тие сепак успеваат да ги совладаат сопките на системот.
“Скоро сите мои ученици се успешни студенти и луѓе понатаму. Меѓутоа, она што мене ме растажува е тоа дека најголемиот процент од нив иднината ја гледа надвор од Македонија. И, ако до пред десетина години се иселуваа по завршените студии, децата од последниве генерации се повеќе го продолжуваат школувањето надвор од државава. Алармот е вклучен, но не знам кога ќе се реагира на него”- порачува професорката Фросина Митрушева.
С.Б.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.