РАБОТНИЦИТЕ ЗАСЕГА СЕ МИРНИ ЗА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН, АМА УСТАВЕН СУД НЕ ЈА „ЗАПЕЧАТИ“ НИВНАТА ПОБЕДА - кои беа аргументите на судијата Костадиновски
Објавено во: Економија 15 Септември, 2022
Работниците можат да здивнат, но не можат и да бидат целосно мирни. Уставниот суд не ги ожалости на својата вчерашна седница, но не ги ни израдува. Иако тие преку Синдикатот повикуваа и се надеваа дека уставните судии едногласно ќе ја отфрлат бизнис иницијативата за преиспитување на законската одредба за недела неработен ден, тоа на сесијата на уставните судии одржана вчера не се случи. И, епилог од сето тоа е дека недела и натаму останува неработен ден за претставниците на трудот, но тоа едноставно не е „запечатено“ од Уставниот суд, бидејќи иницијативата за преиспитување практично и натаму е „жива“, односно за неа ќе треба да се расправа на некоја наредна седница, а тоа е кога Уставниот суд ќе ги добие потребните нови членови.
„Уставниот суд не донесе одлука за овој предмет поради недоволно мнозинство на гласови, односно еден од судиите на јавната расправа се изјасни дека нема да го поддржи рефератот. Предлогот на овој предмет гласеше ‘да не се поведе постапка’, што значи Законот да остане во правниот поредок, односно недела да остане неработен ден, освен во дејностите за кои е исклучок и кои се предвидени со овој закон. Потсетуваме дека Уставниот суд работи со вкупно пет судии од предвидени девет според Уставот, а за одлучување се потребни најмалку петмина, колку што се вкупно судии во моментов“, се вели во официјалното соопштение од Уставниот суд.
А, што всушност се случувало на вчерашната седница?
Според информациите достапни од Уставнипот суд, овој предмет бил доделен кај уставната судијка Вангелина Маркудова, која на седницата го прочитала подготвениот реферат од нејзина страна. Всушност, рефератот се однесувал на тоа дека за законското решение за недела неработен ден Уставниот суд не треба да поведува постапка. Што значи дека практично оваа уставна судијка смета дека недела треба да остане неработен ден, а законот што тоа го предвидува треба да остане дел од правниот поредок на земјава, или, практично, дека тој закон е целосно во согласност со Уставот.
Со овие аргументи на Маркудова се согласиле и тројца други уставни судии, односно претседателката на Усдтавниот суд Добрила Кацарска, како и судијата Осман Кадриу, но и Насер Ајдари, што значи дека четворица судии биле за предлогот.
Но, судијата Дарко Костадиновски имал спротивно мислење од четворицата свои колеги, и не се согласил со рефератот на Маркудова. Односно, тој имал неколку забелешки за сегашното законско решение за недела неработен ден, па затоа за него дел од иницијативата на бизнисот е оправдана.
Првата забелешка е таа дека не е јасно како се утврдува кои се технолошките процеси кои треба да се сопрат во недела, а кои не, односно како се одредило кои се дејностите кои се исклучоци од овој закон. Според него, ова било повреда на владеењето на правото. Исто така, фактот што на министерот за труд му се дава право да одредува кои дејности треба да бидат исклучоци, за судијата Костадиновски било давање законска надлежност на министерот, а тоа според него, не требало да биде така.
Уште една забелешка имал судијата Дарко Костадинов за ова законско решение, а тоа е фактот што на дел од работниците кои работат во недела им се исплаќа дополнителна дневница од 50 отсто, што всушност се однесува за дејностите кои што се сметаат за исклучоци, а на други им се плаќа 100 отсто екстра дневница за работење во недела, што всушност важи за оние кои работат во сферата на трговијата. Според овој уставен судија, фактот што едни работници добиваат 50, а други 100 отсто дополнителна дневница, создавало нееднаквост меѓу претставниците на трудот.
Од тие причини, Костадинов всушност сметал дека ова законско решение „е уставно оправдано, но е проблематичен начинот на кој тоа е направено“. Затоа Костадиновски се изјаснил дека нема да го поддржи рефератот според кој не треба да се покрене преиспитување на законот.
Или, како што велат од Уставен суд, доколку и Костадинов го дал својот глас дека не треба да се преиспитува законот, таа иницијатива од бизнисот ќе била отфрлена засекогаш, и недела неработен ден веќе немаше да може „никој да ја чепка“. Односно, темата недела ден за одмор ќе беше веќе целосно затворена во корист на работниците.
Практично, за Уставниот суд да донесе било која одлука, за неа мора да гласаат најмалку петмина уставни судии, но со оглед на фактот што сега и ги има само петмина (од потребните девет), значи дека за Уставен суд да донесе било каква одлука, таа треба да биде аминувана буквално едногласно од сите петмина, или во спротивно, таа нема да помине.
Затоа сега работниците се практично оставени во исчекување, односно тие ќе мора и натаму да чекаат Уставниот суд да пресече. А тоа ќе се случи кога ќе се изберат нови четворица членови на судот, при што е доволно само уште еден уставен судија да гласа против преиспитување на законското решение, што ќе значи затворање на таа тема и „победа на работниците“. Но, со оглед што изборот на Уставните судии е заглавен во Собранието, при што двајца кандидати се поминати само на Комисијата за избори и именување, но не и на пленарка, ова прашање на работниците ќе продолжи да им тежи и понатаму, се додека не биде конечно затворено.
Фактор на оваа тема разговараше и со првиот човек на ССМ, Дарко Димовски. Тој вели дека Синдикатот е свесен дека Уставен суд не можел да се произнесе поради недоволниот број уставни судии, и се надева дека судот ќе се комплетира, со цел да може да носи одлуки со кои ќе се штити правниот поредок на држвата.
„ССМ како иницијатор на законските измени со кои најголем број работници се стекнаа со законско право недела да биде неработен ден, ја поздравува изјавата на Уставниот суд дека рефератот во врска со иницијативата на Стопанската комора за оспорување на ова работничко право е во прилог на работниците и истиот гласал да не се поведува постапка, односно законите да останат на сила и недела да биде неработен ден. На овој начин Уставниот суд уште еднаш ја покажа својата стручност, независност и грижата за правната сигурност на сите чинители во општеството како што тоа го покажа и за прифаќањето на иницијативата на ССМ и СГИП за укинување на спорниот член 12 од Законот за градење на автопатот на кроридорот 8, со кој се овозможуваше газдите да ги ангажираат работниците 60 и повеќе часови неделно, што беше крајно нехуман однос од предлагачите на законот и од газдите. За жал, денеска Уставниот суд не бил во можност да донесе Одлука во врска со поднесената иницијатива од газдите за укинување на недела како неработен ден, поради тоа што истиот не е комплетиран со доволен број на судии и е во нецелосен состав . Очекуваме овој проблем да се надмине, Уставниот суд да се комплетира со стручни и ефикасни судии чии одлуки ќе бидат сериозна поддршака и заштита на правниот поредок во државата“, вели претседателот на ССМ, Димовски во изјава за Фактор.
За тоа дали недела неработен ден се почитува контроли врши Трудовиот инспекторат, а досега имаат изречено повеќе мерки, меѓу кои и клуч на врата за газдите кои не го почитуваа ова законско право.
Нина Нинеска-Фиданоска