Родителите ги „потрошија“ комбинациите за чување, а локалните власти допрва ќе го подготвуваат продолжениот престој во училиштата
Објавено во: Македонија 02 Октомври, 2020
Дел од најмладите
ученици вчера со физичко присуство ја започнаа новата учебна година, но
гориливо останува прашањето за многу родители кои по завршување на часовите
нема како и каде да ги згрижат децата. Велат дека сите комбинации им се
„потрошени“.
-Во однос на сите прашања поврзани со учебната година се доцни. Задоцни стартот, ајде разбирливо, но откако се направија протоколите за физичко присуство на учениците од прво до трето одделение, зошто в еднаш не се презедоа подготовките и за целодневниот престој во училиштата, па макар и да не донесеше одлука Владата за тоа. Сега веќе има дозвола од Владата, а училиштата допрва ќе не анкетираат кои родители ќе ги оставаат децата во продолжен престој. Сè се чека до последно. А еве, веќе почнаа да одат во школо, што ќе се прави од понеделник, навистина не ми е јасно. Можам да замолам некои од другите родители да ги земе од училиште, но каде ќе ги остави, дома сами не можам да ги оставам, луто реагира мајка на прваче и третооделенка.
Фактор побара одговори од неколку општини во однос на подготовките за продолжениот престој во училиштата. За Општина Центар веќе напишавме дека училиштата се целосно подготвени, од Општината Кисела Вода не добивме одговор, а во Општина Карпош велат дека со анкетите ќе започнат од понеделник.
-Сега, откако Владата донесе заклучок дека во училиштата е дозволен продолжениот престој, ние како локална власт во чија надлежност се основните училишта, мораме и должни сме да го организираме тоа ако има заинтересирани родители кои планираат децата да ги оставаат во училиште и по завршување на редовните часови. Со анкетирање на родителите ќе почнеме в понеделник, а најдоцна до среда треба да имаме увид колкав е бројот на учениците кои ќе остануваат. Но, во Карпош ќе имаме проблем со организирање на продолжениот претстој бидејќи нема доволно кадар, а според протоколот не смее да има мешање на децата од различни одделенија. Како пример можам да го посочам ООУ „Војдан Чернодрински“, каде ќе им бидат потребни осум нови наставници, а вработувањата во училиштата се преку општината која засега не планира такво нешто. Ќе видиме како ќе се организираме, но во секој случај тоа мора да го решиме. И самата министерка истакна дека во образовниот процес ќе мора да се вклучат сите и педагозите, психолозите, вработените во училишната администрација, практично сите бидејќи станува збор за сосема поинаква учебна година воопшто, велат од Кабинетот на градоначалникот на Општина Карпош.
Инаку, министерката за образование и наука, Мила Царовска, вчера истакна дека локалните власти во соработка со училиштата и родителите че треба да го организираат продолжениот престој на најдобар начин.
Анита Буховски