СДСМ ОБВИНУВААТ: Полициски службеници присуствуваат на партиски состаноци на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2024
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска објавија фотографии на кои, како што се вели во партиското соопштение, се гледа како полициски службеници, вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) присуствуваат на партиски состаноци на ВМРО-ДПМНЕ.
„Еве, ја партизацијата на безбедносните служби на дело. На фотографиите од партиски состанок на ДПМНЕ објавени од Јован Јаулески на Фејсбук јасно се гледа дека учествуваат и двајца полицајци од полициската станица Струга, а меѓу нив е и Ѓорѓи Стојанов, кандидат за командир“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека партизацијата, како што велат, што Панче Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ ја спроведуваат во МВР значи шиканирање и отпуштање на професионалци на сметка на партиски војници, кои работат за партијата, а не за државата.
„Политички активности на полициските службеници се забранети со Закон. Еве, шанса за Тошковски, ајде да видиме дали ќе поднесе иницијатива за нивно санкционирање“, нагласуваат од оваа опозициска партија.
Го повикуваат и Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР да поведат дисциплински постапки.