Добивај вести на Viber
Поранешниот премиер Никола Груевски на неговиот фејсбук профил се огласи со реакција за поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, кој ја стопираше изградбата на катната гаража, за која денес општина Центар плати оштета во вредност од 1,2 милиони евра.
„Еве ги резултатите за граѓаните кога омразата е главната водилка на некој неспособен и без визија политичар во носењето на неговите одлуки, во случајот поранешниот градоначалник Андреј Жерновски.
Без никаква логична аргументирана причина, во време кога паркирањето во Скопје е вистински кошмар, пред околу 11 години, воден од омразата и фиксацијата кон мене како тогашен премиер и како промотор на идејата разни државни и локални институции да изградат катни гаражи во центарот на Скопје со цел да се намали метежот во паркирањето и хаосот во сообраќајот, Жерновски брзо по доаѓањето на позицијата градоначалник на општината во 2013 година, незаконски ја прекина процедурата со која требаше да биде изградена катна гаража.
Катната гаража ја нарекуваа барокна иако не беше тоа, и се градеше веднаш до поранешната зграда на Нова Македонија за околу 190 возила, плус деловен простор во истата, со чие издавање под кирија, заедно со приходите од работата на гаражата беше планирано да се плаќа кредитот за градбата на објектот, кој досега ќе беше целосно платен и вратен и сега сите приходи од катната гаража ќе одеа на нови проекти, а возачите ќе имаа сигурно место за паркирање.
Една година претходно беше избран изведувач - градежна фирма, кој ја започна градбата, која согласно склучениот договор требаше да чини вкупно 3,8 милиони евра.
Тогаш, на почетокот на мандатот во 2013 година Жерновски измисли причина заради негови маркетиншки цели, дека парите ќе ги употребел за изградба на ново училиште, кое патем речено не го започна речиси цел мандат, односно само го започна на неколку месеци пред крајот на неговиот мандат и практично истото во најголем дел се изгради во време на градоначалникот кој го наследи, што секако можеше да се направи и без запирање на градбата на катната гаража која требаше да биде завршена за 12 месеци.
Но идејата водилка беше да се стопираат “проектите на Груевски”, а не да се изгради училиште.
Тоа беше едно време во кое “лудилото” да се негира и запира се што е започнато во време кога јас ја предводев владата ја беше зафатило СДСМ, а овој градоначалник беше еден од предводниците на таа хистерија.
Таа хистерија доаѓаше заради фактот што инвестициите и градбите во тој период кои беа огромни, беа видливи и неспоредливи со сите претходни влади, го отворија прашањето кај народот: “а зошто претходно години по независноста ништо сериозно или во таков обем не се градело и каде тогаш се трошеле парите на граѓаните? Каде тогаш била иницијативноста и посветеноста на политичарите?”
Катната гаража требаше да биде сопственост, а по изградбата која требаше да заврши во 2014 година да ја стопанисува и да добива константни и секојдневни приходи на општинската сметка, токму општината Центар.
Тие приходи вечно ќе се инвестираа во други проекти потребни за граѓаните на Центар, вклучувајќи и училишта, но тогаш тоа не беше важно. Најважно беше да се направи нешто што ќе е против Груевски.
Денес сите изградени катни гаражи во Скопје работат со полн капацитет и нема слободно место за паркирање во нив.
Прашање за друга дискусија е колку заради таа омраза кон сите проекти изградени од тоа време, тие катни гаражи не беа одржувани од страна на државните и локални институции, па хигиената и одржувањето со години беше на најниско ниво.
Ако не ја стопираше градбата, денес веќе 10 години тој ќе беше горд на оваа катна гаража и со право ќе кажеше дека кога тој дошол за градоначалник во општината таа била во самиот почеток на градба и под негово водство на општината, во најголем дел се изградил капитален објект од кој секоја година општината добива огромни приходи, а граѓаните кои имаат потреба од паркинг во тој реон на градот, имаат барем помалку проблеми со паркирањето на возилата. Дека барем делумно решил еден проблем.
Дали денес некој се сеќава дека решил некој проблем тој градоначалник? Мислам дека не.
Наместо тоа случајот со катната гаража 11 години е во судски лавиринти, апелациониот суд пресуди против општината Центар, и по втор пат треба да одлучува врховниот суд, кој ако ја потврди пресудата, тогаш обвинителството со право е обврзано да истражи кој е одговорен за не одговорните одлуки и направената штета од речиси 1,2 милиони евра која веќе ја платија граѓаните на општината Центар, а следната 2025 година треба да се плати и камата кон оштетениот субјект во ист толкав износ.
И најважно, 10 години трае хаосот со паркирањето во тој реон од градот каде во близина се неколку институции и министерства кои се сместени во зградата на НИП „Нова Македонија“.
Дополнително ќе се отвореше можноста да се растовари и притисокот на Универзитскиот клинички центар „Мајка Тереза“ кој се наоѓа во близина, и каде исто така останаа планирани, но не изградени две катни гаражи.
Иако сум задоволен што како политичка гарнитура успеавме да изградиме шест од планираните седум катни гаражи за тој период (три владиното акционерско друштво ПУИК, две град Скопје, и една општината Центар), ревитализиравме една голема подземна гаража во која речиси никој тогаш не влегуваше веќе повеќе години (онаа подземната кај МОБ) и создадовме услови приватни инвеститори да изградат уште неколку катни гаражи во Скопје, но и во други градови низ Македонија, сепак партијата на Жерновски - СДСМ тогаш на разни начини и со разни методи во тоа време успеа да стопира градба на уште неколку катни гаражи и претпоставувам за сите тие ќе се плаќаат од буџетот на државата или локалната самоуправа сериозни средства како отштета со кои може да се решат многу други проблеми.
Се разбира и оваа катана гаража кај поранешната зграда на Нова Македонија еден ден ќе се доврши и ќе се пушти во употреба, но зошто толку злоба, толку штети, толку загубено време и толку малтретирања?
Што има народот денес, десет години подоцна, од таа деструктивна политика водена од омраза и безидејност?“, напиша тој.