СЕММ: Жалбата на Гаши е основана, укажуваат дека во новинарски текст се прекршени два члена од Кодексот на новинарите
Објавено во: Македонија 11 Ноември, 2024
Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата
одржана на 25.10.2024 година, врз основа на примена жалбa од Кабинетот на
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Африм Гаши, на
17.09.2024 година ја донесе следнава:
ОДЛУКА
ЖАЛБАТА Е ОСНОВАНА
Текстот со наслов „Уште еден несмасен гаф на луѓето на Гаши? Зошто претседателот на
Собрание службено купува 30 ЛЦД телевизори и 12 инвертер клима уреди?“ објавен од
онлајн медиумот Фактор (faкtor.mk) на 16.09.2025 година, oтстапува од професионалните и
етичките стандарди при известувањето.
ЖАЛБА
Жалителот, Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Африм Гаши, до Извршната канцеларија на СЕММ упати претставка наменета за Комисијата за жалби при што се жали на текст објавен во онлајн медиумот Фактор, а кој се однесува на спроведување на една јавна набавка од Страна на Собранието на РСМ. Во претставката се наведува линкот до посочениот текст, принтскрин од објавата и основот на жалбата.
Жалителот, според основот што е впишан во формуларот, навел дека во
оспорената содржина има елементи на неточно и нефер известување и мешање на факти и
мислење, вест и коментар.
Жалителот, исто така, приложил и дополнителна комуникација (во пдф) помеѓу новинар од
Фактор и Собранието, односно упатено прашање од медиумот и добиен одговор од Кабинетот
на Претседателот на Собранието.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледувањето на жалбата, стапи во контакт со медиумот и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата, потсетувајќи и на можноста, случајот да се реши по пат на медијација пред да биде разгледуван од членовите на Комисијата за жалби.
Притоа, детално беа појаснети наводите на жалителот и основите по кои од таму сметаат дека е постапено непрофесионално при известувањето. Медиумот ја извести Канцеларијата дека не сметаат дека постапиле непрофесионално или неетички и дека не гледаат прекршување на новинарските стандарди, поради што ја отфрлаат жалбата и можноста за медијација со жалителот.
Притоа, меѓу другото, во одговорот се наведува: „..од кој аспект е спорно што ние како
новинари се сомневаме во фактот што е изоставена електронска аукција од тендер
распишан од Собранието, имено, ние како новинари имаме право да се посомневаме
во јавни набавки кои се финансираат со буџетски средства.“
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека текстот со наслов „Уште еден несмасен гаф на луѓето на
Гаши? Зошто претседателот на Собрание службено купува 30 ЛЦД телевизори и 12
инвертер клима уреди?“ објавен од онлајн медиумот Фактор (faкtor.mk) на 16.09.2025,
oтстапува од професионалните и етичките стандарди при известувањето, при што се
прекршени членовите 13 и 1 од Кодексот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
Комисијата го разгледа оспорениот текст, при што најпрво утврди дека станува збор за тема од висок јавен интерес, односно можни неправилности при спроведување на јавна набавка од страна на највисокиот орган на законодавната власт, Собранието на РСМ. Сепак, Комисијата констатира дека веќе со првиот дел од насловот „Уште еден несмасен гаф на луѓето на Гаши? не е направена разлика меѓу фактите и мислењата или коментарите и е прекршен членот 13.
Имено, несомнено е правото на новинарите на свое мислење, став или вредносен суд, но тие не смеат сопственото мислење, дека одредена постапка е несмасен гаф, да го камуфлираат како констатиран факт, што во овој случај е сторено. Комисијата смета дека на вториот дел од насловот: „Зошто претседателот на Собрание службено купува 30 ЛЦД телевизори и 12 инверетер клима уреди?“, е одговорено од страна на кабинетот на Гаши во самиот текст, а тоа е дека набавката е „за потребите на Собранието“, па оттаму прашалната форма е несоодветна.
Имено, практиката преку наслови во прашална форма да се каже или да се наведува нешто за што нема аргументи во текстот е честа и во основа штетна навика на онлајн медиумите, кои свесно го инструментализираат фактот дека насловите имаат функција да ја сумираат и пренесат пораката и дека голем дел од публиката чита исклучиво наслови. Па така, преку прашална форма се сугерира одредена порака која не е поткрепена со докази во самиот текст. Откако на насловното прашање е одговорено од страна на Кабинетот, текстот продолжува со констатацијата дека „голем сомнеж на целата постапка фрла и тоа што Кабинетот на Гаши во тендерот не бара електронска аукција“. Оваа реченица заслужува внимание дотолку повеќе што во одговорот на медиумот до СЕММ, главниот и одговорен уредник ја прашува Комисијата: „од кој аспект е спорно што ние како новинари се сомневаме во фактот што е изоставена електронска аукција од тендер распишан од Собранието, имено, ние како новинари имаме право да се посомневаме во јавни набавки кои се финансираат со буџетски средства“. Комисијата сака да подвлече дека новинарите не само што имаат право, туку тоа им е и обврска, т.е. да ги изложат на проверка јавните набавки и сите трошења на буџетските средства.
Меѓутоа, исто така имаат и обврска да вложат доволно напори да ги проверат
податоците и процедурите, особено кога изразуваат сомнеж.
Во случајов медиумот (новинарот, редакцијата) пропуштил или ја игнорирал препораката на
Бирото за јавни набавки за ограничување на користењето на аукции која, како што
наведуваат, е препорака која, „се базира врз анализи и согледувања од праксата“. Оттаму, само фактот што не е применета електронска аукција во набавката на Собранието, не може
да го оправда големиот сомнеж што го изразува медиумот.
Дополнително, неприкосновеното право на новинарите и медиумите да се посомневаат и да
истражуваат јавни набавки, мора да биде проследено и со правото на страната која е
осомничена да одговори на наводите. Комисијата цени дека иако обврската за втора страна
или „правото на одговор“ не може да биде цел сама за себе, таа е нужна во случаи кога
новинарот изнесува сомневања или обвинувања или кога некој е предмет на напад и критика.
Од жалбата и од одговорот на медиумот е извесно дека до Кабинетот на претседателот на
Собранието не е испратено клучното прашање врз кое се базира и со кое се аргументира
сомнителноста на набавката, а тоа е прашањето: „Зошто е изоставена електронската аукција
од овој тендер?“, како што е поставено во текстот и поради што се изразува сомнеж во
набавката.
Оттаму, Комисијата смета дека новинарот, со тоа што не вложил доволно напори да ги
провери податоците и да ја консултира втората страна за обвинувачките наводи, а притоа не
ги навел и релевантните факти што директно влијаат на главното тврдење во текстот, го
прекршил, покрај членот 13, и членот 1 од Кодексот на новинарите.
Член 13
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
Член 1
Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.