Што се крие зад обидот за дискредитација на Ковачевски?
Објавено во: Македонија 21 Септември, 2022
Посрамотувањето на политичките противници за избегнување служење воен рок, без оглед дали било оправдано или не, е позната тактика за дискридитација и фрлање сериозен сомнеж врз способноста на еден политичар да врши највисоки државни функции. Сепак, оваа пракса повеќе „пали“ во земји каде воената служба е задолжителна или пак, некаков престиж или традиција. Така на пример во поранешна Југославија тие што не служеле во ЈНА биле прогласувани за „неспособни“ бидејќи тоа било врвна чест и обврска кон државата.
Во Македонија веќе 20 години не е задолжителен воен рок, а нивото на политичка култура е далеку од ваквите слични скандали. На пример истото беше потенцирано и за екс американскиот претседател Џорџ Буш кој избегнал да служи во армијата, иако по окупацијата на Ирак триумфално „слета“ со борбен авион на носач на авиони со слоганот „Мисијата е исполнета“.
Според универзитетскиот професор Александар Нацев секој носител на јавна функција треба да има беспрекорно минато и да одговара на стандардите кои од него ги очекуваат гласачите.
Дали изземањето од служење војска треба да биде главен услов некој да врши политичка функција, особено што таква традиција никогаш не била воспоставена во Македонија, ниту од независноста, ниту за време на поранешна Југославија?
„Повлекувањето паралела помеѓу служење воен рок и извршувањето политичка функција е нелогично, затоа што се работи за две различни работи и не може да се условуваат една со друга. Но, од друга страна не треба да се занемари фактот дека и војничката обврска и политичката функција се извршуваат за заштитата и просперитетот на татковината, и дека секој од нас има морална обврска да даде се од себе за да и помогне на својата земја“, смета Нацев.
Колку „војничкото“ минато на политичарите е клучно за стекнување доверба кај гласачите. Кај нас одамна веќе е укинат задолжителниот воен рок, голем дел од денешните гласачи воопшто не служеле во војска, ниту се запознаени со војничките обврски, па зошто би им било важно дали нивните политичари служеле во војска?
„Не само војничкото минато, туку и целосното минато на едно лице кое има јавна политичка функција е под лупа на јавноста. Особено ако се работи за лица кои извршуваат највисоки политички функции, како што е случајот со нашиот актуелен премиер. Тој треба да даде објаснување зошто го избегнал служењето воен рок, кое во тој момент било задолжително, и дали тогаш лажел дека е неспособен за да не оди во војска, или навистина е трајно неспособен? Јавноста мора ова да го знае. Во однос на младите гласачи и нивниот став кон војската, мислам дека е коректно да споменеме дека во последните 20 години, можеби и повеќе, АРМ е институција која ужива најголема доверба во јавноста според сите истражувања, далеку пред полицијата, судството, медиумите и слично. А ова е истражување кое се прави во период во кој задолжителната служба во АРМ е укината, што дава заклучок дека јавноста (во која јавност несомнено спаѓаат и младите) се уште гледа позитивно на војската“, потенира Нацев.
Зошто се користи терминот „дезертер“ кога истиот се употребува за лица кои веќе се дел од воените сили, а ги напуштиле своите позиции или директно избегнале извршување на наредба?
„Ова е само семантичка игра на зборови, а во нашиот актуелен случај и ова што го нарекуваат премиерот „дезертер“ оди како некое олеснување на ситуацијата за него. Тој направил уште полош потег, не ни стигнал да биде дезертер, туку уште на почеток не ни станал дел од вооружените сили, туку „полесно му било да биде неспособен за служба“, заклучува Нацев.
Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обелодени документот со кој актуелниот премиер Димитар Ковачевски избегнал да отслужи во АРМ, од Министерството за одбрана истакнаа дека ќе поведат истрага за откривање воена тајна и најавија кривични пријави за тие што го изнеле и за тие што го објавиле документот.
Х.С.