СИРИЈА: Жените бараат да имаат исти права како мажите
Објавено во: Свет 23 Декември, 2024
Сириските жени од новата влада ги бараат истите права како и мажите.
Илјадници жени се собраа денеска во североисточниот сириски град Камишли за да побараат новите исламистички владетели во Дамаск да ги почитуваат правата на жените и да ги осудат воените дејствија поддржани од Турција во северните региони, кои се под контрола на Курдите.
„Бараме права на жените од новата држава, на жените не смее да им се одземат правата во овој систем“, изјави Савсан Хусаин, активистка за правата на жените.
Курдската милиција, која ја предводи вооружената група Сириски демократски сили (SDF), поддржана од САД, е главната сила во областа. Но, рамнотежата на силите во Сирија се промени откако исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) навлезе во Дамаск и го собори Башар ал Асад од власт пред две недели, инсталирајќи нова администрација.
Курдските групи во Сирија прифаќаат идеологија која ги нагласува социјализмот и феминизмот – за разлика од конзервативните сунитски исламистички ставови на ХТС, поранешен огранок на Ал Каеда. Постои широко распространет страв меѓу Сиријците дека новата администрација во Дамаск ќе се приклони кон тврдокорното исламистичко владеење и ќе ги маргинализира малцинствата и жените во јавниот живот. Портпаролот на сириската преодна влада, Обаида Арноут, минатата недела изјави дека „биолошката и физиолошката природа“ на жените ги прави непогодни за одредени владини работни места. Поради оваа изјава, жените веќе протестираа во главниот град Дамаск.
foto EPA-EFE