Системот на ЦУК за испраќање пораки не крши закон: Еве како функционира
Објавено во: Анализа 11 Јули, 2025 10:37
Низа реакции се појавија на социјалните мрежи откако вчера, Центарот за управување со кризи испрати пораки до дел од граѓаните, со содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите“.
Фактор го анализираше системот кој го користи ЦУК, и кој не е никаква новост во светот – не собира лични податоци, ниту ги прибира податоците од мобилните оператори, туку едноставно испраќа итни предупредувачки пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат на географската област, во случајов на територијата на Македонија.
Бидејќи не таргетира ниту еден број одделно и се работи за анонимно испратени пораки, не прекршува ниту еден закон. Истото преку соопштение го објасни и самиот Центар за управување со кризи.
„Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации. ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација“, рекоа од ЦУК.
Слични вакви системи користат повеќе држави, меѓу кои и Канада, каде постои „Alert Ready“. Се користи при пожари, поплави, но и за „Amber alerts“ – системот за исчезнати лица.
Во САД пак, постои Wireless Emergency Alerts (WEA). Се работи за централизирана платформа која праќа cell broadcast пораки преку Федерална агенција за управување со вонредни состојби (FEMA), локални власти, инационалната метеоролошка служба. Се активираат за торнадо или урагани, изчезнати деца, терористички напади и заштита од стрелци. Пораките се регионални, но одат до сите оператори и уреди во таа зона, а телефоните вибрираат силно и звучат алармантно, дури и ако се ставени безвучно.
Jапонија пак, го има J-Alert. Системот се користи за брзи предупредувања за природни катастрофи и закани по националната безбедност, односно при земјотреси, цунами, Севернокорејски ракетни лансирања и слично. Пораките стигаат за неколку секунди до сите мобилни уреди, вклучувајќи и туристи со странски СИМ картички.
Во Холандија, постои NL-Alert, државен систем што испраќа cell broadcast пораки до сите мобилни уреди во одреден регион. Се активира при големи пожари, хемиски несреќи, поплави и безбедносни закани.
Овие системи се распространети низ многу земји, а се користат како најбрз начин, предупредувањето да стигне до сите граѓани.
А.Т.
Можеби ќе ве интересира
Историски отворени врати за членство во ЕУ, но „вратарот“ не попушта
Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет
Слаб обвинител силна власт - По што ќе се памети Љупчо Коцевски
Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата
Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max
Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување




