Скендер Бузаку постави часовник пред ИВЗ, ќе објавува „бомби“ за Сулејман Реџепи
Објавено во: Македонија 01 Октомври, 2019
Додека трае борбата за превласт во Исламската верска заедница, Скендер Бузаку, кој претендира да биде поглавар, постави часовник за одбројување пред седиштето на верската институција и му порача на реисот Сулејман Реџепи дека ќе започне со објавување на „бомби“ доколку за 72 часа не ја отстапи функцијата.
Бузаку, кој за време на „пролетниот пуч“ претендираше да го собори Реџепи, наведе дека поседува докази и факти за криминал кои ќе го компромитираат реисот пред целата јавност.
„Пораката до Сулејман Реџепи е ова: ослободете го ИВЗ за 72 часа, и ако тој не даде оставка, тогаш имаме страшни факти, застрашувачки докази“, рече поранешниот секретар на скопското муфтивство, пред седиштето на ИВЗ каде има зголемено присуство на полициски службеници.
Во април имаше неуспешниот обид за превласт во Исламската Верска Заедница, откако се обиде со пресуда на судот да се прогласи за нов поглавар на ИВЗ. Ријасетот со сите Муфтии застана зад Реџепи како единствен легитимен поглавар на втората најголема верска заедница во Македонија.