Скопје слави 71 година од Денот на ослободувањето
Објавено во: Македонија 13 Ноември, 2015
На 13 ноември пред 71 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
Скопје — главниот и најголемиот град во Македонија, кој воедно претставува административно-политички, стопански, културен и образовно-научен центар денеска слави 71 година од Денот на ослободувањето.
Со низа културни и свечени манифестации 13 Ноември ќе биде одбележан.
Во рамки на одбележувањето на 13 Ноември-Денот на ослободувањето на главниот град, скопскиот градоначалник Коце Трајановски во фоајето на Македонската опера и балет на добитниците ќе им ја врачи наградата „13-ти Ноември“ на Град Скопје за 2015.
Во фоајето на МОБ, ќе биде отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2015“.
Веднаш по доделувањето на наградите, во Салонот на МОБ, во чест на добитниците и по повод празникот на Скопје, ќе се одржи концерт на првенците на Македонската опера и балет.