СО ПРИКАЗНИТЕ ЗА ЦРНИ ЛИСТИ, СО ПРЕС КОНФЕРЕНЦИИ ПАРТИСКИ И ОБВИНИТЕЛСКИ, ВАШАТА ШАНСА НА СУД Е ТЕОРЕТСКА: Калајџиев за судството и судењата
Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2025
Постојат сериозни притисоци врз судството да се носат избрзани одлуки со цел да се задоволат одредени барања од јавноста порача неодамна универзитетскиот професор Гордан Калајџиев во неговото гостување во емисијата Трилинг.
Калајџиев рече дека поради такви судски одлуки државата често се соочува со тужби пред судот во Стразбур.
„Постои огромен притисок врз судиите и обвинителите, луѓето да ги осудат. Кога таа кампања е таква во јавноста, да ве оцрнат уште претходно, со прес-конференции партиски и обвинителски, со приказните за црни листи, вашата шанса на суд е теоретска. Тоа не е класично монтирано судење, но е вид на монтирано судење, бидејќи судењето се сведува на една лажна претстава, која само наводно ќе ги легитимира исходот, а исходот ние го знаеме однапред“ рече Калајџиев.
Тој додаде дека Обвинителството треба да е тоа кое ќе докаже дали некој е виновен, а не оној кој е обвинет.
„Тоа тврдење дека некој треба да докажува дека е невин е исто проблематична теза во модерните општества врз основа на пресумпција на невиност, тоа треба да го докаже Обвинителството“ заклучи професорот.