Добивај вести на Viber
Објектот „Стар Метропол“, во центарот на Скопје, не само што ќе има барокна фасада, туку ќе претрпи и доградба. Според Предлог одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на фасади, поднесена од градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, измената ја побарал сопственикот на објектот. Во образложението од Градот се посочува дека промените во изгледот на фасадата се како резултат на целокупната планирана реконструкција на објектот, промена на конструктивните системи и негова доградба и надградба.
-Се предлага изменување и дополнување на Одлуката за утврдување изглед на фасади на објекти во централното градско јадро на подрачјето на градот Скопје (Службен гласник на Град Скопје бр.3/14) од причина што Идејниот проект со тех.бр. 07-122/14 кој е наведен во член 1 точка 14 од Одлуката, а се однесува на деловниот објект Стар Метропол, изработен од КВАДАР доо Скопје, се менува со нов проект – фаза Архитектура. Град Скопје, прими проект – фаза Архитектура од страна на сопственикот на објектот со барање измена на изгледот на фасадата на објектот на Стар Метропол. Имено во истиот е опфатена доградба и надградба на објектот според насоките и параметрите од Деталниот Урбанистички план Мал Ринг Скопје. Проект – фаза Архитектура кој се предлага за составен дел од Одлуката е нарачан од страна на Канет Адем дооел, Скопје и истиот со барање за утврдување на изгледот на фасадата на објектот од страна на Совет на град Скопје е поднесен во Град Скопје, се наведува во образложениетот од Градот.
За новата фасада и доградна на објектот „Стар Метропол“, советниците на од Советот на Град Скопје ќе расправаат овој четврток.
Во меѓувреме објектот „Сити галери “ кој е во продолжение на „Стар Метропол”, веќе на големо се реконструира со барокна фасада.
Еве како ќе изгледа новиот објект на „Стар Метропол”
Нови барокни ќе добијат и девет објекти на улицата „Македонија”, еден на улицата „Димитрие Чуповски” односно објектот на Стопанската комора на Македонија и два објекти на улицата „Даме Груев”. Идејните решенија се избрани а во тек е подготвка на основните проекти.
-За предложените фасади во тек е изготвување на основни прокекти откако е претходно спроведен конкурс за избори на идејни архитетонски решенија. Во конкурсната комисија активно учество земаа сопственици на станбените делови и деловните простории, а при изработката на основните проекти се земаат во предвид сите барања и потреби на сопствениците чии фасади се предмет на реконструкција, се наведува во образложението на град Скопје.
Инаку според Програмата за развој 2016-2018 година, за реконструкција и доградба на објекти и фасади во следните три години од градската каса е предвидено да се одвојат близу 8 милиони евра. Или поединачно по години, годинава за оваа намена ќе се потрошат 4.715.447 евра, во 2017-та година за оваа цел ќе се наменат 2 милиони и 113 илјади евра, а во 2018-та се планирани 975.609 евра.
Т.С