СТОИЛКОВИЌ ВЕЛИ ДЕКА ЏИП НА МИНИСТЕРСТВОТО БИЛ ОСТАВЕН НА СЕРВИС: Објасни дека сега личи на „искубана кокошка“
Објавено во: Македонија 24 Јануари, 2025
Во многу лоша состојба во сервис е пронајден џип БМВ во сопственост на Министерството за односи меѓу заедниците.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денеска изјави дека се откриени нови злоупотреби со имотот на Министерството. Тој посочи дека возило џип БМВ вредно 60.000 евра е пронајдено во многу лоша состојба во сервис за поправка, каде од него се вадени делови и истите се користени за потребите на сервисот.
„Тука веќе е ангажирано Министерството за внатрешни работи. Не сакаме да го подигнеме. Бараме записници, нема записници како е предадено, а сведоците велат дека е предадено во нормална состојба. Тој џип е вреден 50.000-60.000 евра. Не можам да утврдам за што бил користен, меѓутоа можам да пренесам дека сега личи на „искубана кокошка“. Јавноста кога ќе ги види сликите ќе процени како може еден сериозно скап автомобил од Министерството да биде оставено на милост и немилост на сервис каде се извадени вратите, извадени се делови од него“, објасни Стоилковиќ.
Вели дека е згрозен од начинот на кој се трошени не само парите, но и како се управувало со ресурсите на Министерството.
„Возилото е оставено во сервис и не е подигнато. А сервисот си постапувал согласно потребите кои му биле на дневен ред. Ваделе делови од него за нивните претпоставувам приватни потреби“, рече министерот на настан во Министерството по повод Св. „Сава“.
Стоилковиќ потенцира дека претходното раководство од касата на Министерството подигнало 37 илјади евра кои, како што рече, никогаш не биле вратени и се без никакво образложение. Тој и претходно имаше поплаки за тоа како функционирало министерството во претходниот мандат.
фото Фејсбук/Иван Стоилковиќ