СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ ЈА „ВЛЕЧАТ“ ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА – бројноста мала ама удделот во БДП голем
Објавено во: Економија 17 Септември, 2024
Странските компании вртат над 40 проценти од прометот во Македонија. Иако тие опфаќаат само 2,6 отсто од вкупниот број на компании во нашата земја, нивното учество во прометот е големо.
Последните податоци откриваат дека во текот на 2022 година, вкупно 1.727 компании се странски филијали, или домашни претпријатија кои се контролирани од странство. Имено, овие компании опфаќаат само 2,6 проценти од вкупниот број активни претпријатија, кои достигнуваат дури 67.296 компании.
- Тие ангажирале 20,9 проценти од вкупно вработените работници, а реализирале 40,4 отсто од вкупниот промет, односно 32,9 проценти од вкупната бруто-додадена вредност, што укажува на нивното значително влијание врз домашната економија – се наведува во најновата анализа на Државниот завод за статистика.
Бројките откриваат дека од овие странски компании, најбројни се оние во секторот Трговија на големо и на мало и поправка на моторни возила, каде учеството достигнува 30 проценти.
Од друга страна најголем дел од вработените во странски филијали или 74,9 проценти се ангажирани во три сектори. Па така, во секторот Преработувачка индустрија опфатени се дури 52,2 отсто од вработените во странските филијали, додека во секторот Трговија на големо и мало ангажирани се 12,4 отсто, и во сектор Информации и комуникации 10,3 проценти од работниците.
- Најголем придонес во додадената вредност на странските филијали имал секторот Индустрија со 51,5 отсто. Притоа се издвојуваат преработувачката индустрија со 37,2 проценти, па Вадењето руда и камен со 6,8 отсто и Енергијата со 7,4 проценти. Следен е секторот Информации и комуникации со учество од 16,9 отсто и Трговија на големо и на мало и поправка на возила со 13,3 проценти – се наведува во истражувањето на статистичарите.
Странските филијали се контролирани, главно, од европските земји и тоа високи 80,7 проценти. Земјите членки на ЕУ контролираат 57,6 отсто од странските филијали, во кои се ангажирани 66,7 отсто од вработените и учествуваат со 65,1 проценти во додадената вредност.
Економски најважните странски филијали се под контрола на Австрија со учество во додадената вредност од 16,6 отсто, по што следуваат компании кои се под ингеренции на компании од Холандија и тие опфаќаат 12 одсто од вкупниот број странски филијали. Потоа се компании кои се контролирани од компании од Обединетото Кралство со 10,6 проценти, па следува Германија со 9,6 отсто.
- Нивното учество во вкупната додадена вредност на домашната економија изнесува 16,1 отсто, што значи дека вкупната додадена вредност е во толкава мера под контрола на претпријатијата со мнозински странски капитал – нагласуваат во анализата од ДЗС.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.