05 Декември, 2025
0.0286

Светозаревиќ: Како и пред 160 години спориме со Бугарија поради негирањето на македонската историја, помогнато од наши редови

Објавено во: Анализа 23 Јули, 2025 07:46

Добивај вести на Viber

Спорот со Бугарија се претвори во нов мачен и долготраен процес кој му натежнува на македонското општество и предизвикува внатрешни поделби по прашањето околу уставните измени за внес на Бугарите, но и засилена пробугарска пропаганда која извира од внатре, односно од многу политичари, новинари и сурогати кои редовно се појавуваат во македонските медиуми.

Политиката на „попуштање“ започна уште во времето на Заев откако се потпиша договорот за пријателство со Бугарија, а се засили со повеќе обиди за „редефинирање“ на македонската историја и себепреиспитување на втемелените вистини за периодите на преродбениците, револуционерната борба и антифашистичкиот отпор во Втората светска војна се до создавањето на македонската држава.

„Македонско-бугарскиот идентитетски спор има мошне длабоки корени и Тито всушност е последниот „виновник“ за создавањето на македонската нација како што тврди бугарската пропаганда, смета историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ.

Како се создаде овој вртлог на преиспитување на македонската национална историја, под изговорот дека во времето на комунизмот „се што било бугарско било преправено во македонско“, дека македонската нација е плод на Тито, дека македонските револуционери биле практично „пиуни“ на бугарската држава. Како се дозволи ваквата пропаганда да продре во македонското општество?

Светозаревиќ: Тие спорови започнале во средината на 19 век, кога во 60-тите и 70-тите расправиите се пренеле и во тогашните весници. Јавните кавги настанале пред сѐ со навлегувањето на бугарската пропаганда во Македонија која во на почетоците била организирана и финансирана од Русија, која пак се обидувала да создаде терен за формирање на една голема бугарска држава на Балканот како нејзин политички сателит. Во 1870-тите години во Истанбул живее и дејствува една веќе силно етаблирана бугарска колонија. Од тие редови произлегле познати бугарски преродбеници но, во исто време и пропагатори на „бугарштината“ во Македонија на чело со Петко Рачев Славејков и неговиот весник „Македонија“. Таму фунционирало и друштвото „Бугарско читалиште“ кое исто така било потпомагано и насочувано од рускиот амбасадор во Цариград, грофот Николај Игнатиев.

Иако вооружени со печатници, книги, весници и финансиски средства, припадниците на бугарската пропаганда во Македонија наишле на неочекуван отпор од македонските интелектуалци кои не прифаќале бугарски идентитет, историја, култура и јазик. Токму тие судири се нашле како теми во бугарските весници, од каде јасно се гледа дека не само што не се чувствувале Бугари и не им било ништо познато од бугарската историја и традиција, туку Македонците започнале да ги напаѓаат Бугарите со аргументи, но не ретко и со навреди. Ако тие години ги земеме како почеток на несогласувањата и судирите, тогаш „вртлогот“ започнал пред 160 години. Според тоа, во тој период, триесетина години пред да се роди Тито, виновници на Бугарите им биле „македонистите“, а ги нарекувале и „сепаратисти“. Арно ама, ако се повикуваат на вината на  „македонистите“ и „сепаратистите“, приказната на сегашните бугарски влади ќе беше уништена од две причини: првата дека ако самите Македонци не се согласувале дека не се Бугари, тогаш никој не ги измислил и втората е дека ако признаат дека нѐ негираат 160 години, тогаш имаат голем проблем, затоа што таквото долго негирање станува најголем доказ за постоењето. А зошто е толку долго негирањето? Затоа што од тогаш се создава бугарската нација. Тоа е исто како некој цел живот да ја негира Месечината иако цел живот ја гледа, но таа постои без оглед натоа што тој мисли за неа.

Во 1880-тите години во Македонија зајакнува српската пропаганда како соперник на македонскиот терен, па Бугарите прогласуваат втор виновник за „создавање“ на Македонците, десетина години пред раѓањето на Тито, а тоа е српскиот дипломат, политичар, историчар и филолог Стојан Новаковиќ. Тој со подршка на српската влада се обидел да ги придобие Македонците со тоа што финансирирал печатење на буквар и весници на македонски јазик со српска азбука и уфрлени срспки изрази, но наскоро се уверил дека таквиот пристап е контрапродуктивен за српската пропаганда па во 1891 година се откажал од тој пристап. Но, таквиот пристап не бил негов изум, туку за првпат тоа го употребиле бугарските пропагатори од Бугарското читалиште, кое исто така во 1869 година се обидувало да печати на македонски јазик со бугарска азбука, но иницијативата наеднаш е прекината затоа што рускиот амбасадорот Игнатиев издејствувал признание од страна на султанот на посебна бугарска црква, преку која бугарската пропаганда започнала да се реализира на легален начин и на теренот на Македонија.

Третиот „виновник“ за содавање на Македонците била Коминтерната (Комунистичка интрнационала) со седиште во Москва која во 1934 година  ја донела онаа позната резолуција со која се признава македонскиот народ. Коминтерната како можен светски фактор кој ги обединувал сите комунистички партии во светот, донела една реална одлука со која се признавала фактичката состојба на теренот, а целта била да се мобилизира и македонскиот народ во револуционерно движење кое ќе застане  во иста редица со другите народи кои се борат за социјална правда. Сепак тука да нагласиме дека не е Коминтерната првиот можен фактор кој ја признавал посебната припадност на Македонците. Пред неа тоа го сториле САД, коишто во 1919 година на Мировната конференција во Париз се заложиле за создавање на посебна неависна држава Македонија со 3.000.000 жители, и со главен град Солун. Притоа САД се понудиле како незаинтересирана страна  да гарантира со 3 годишно присуство на нејзината војска во Македонија, за кое време Македонците би можеле да ги создадат неопходните државни институции.

И конечно доаѓаме до последниот „виновник“ за создавањето на македонската нација, а тоа е Јосип Броз Тито кој во 1937 година застанал на чело на Комунистичката партија на Југолсавија. Всушност, вистината е дека процесите во КПЈ оделе во тој правец, па би рекле дека и друго име да беше на чело на партијата, порано или подоцна ќе дојдеше до тоа неминовно признание.

Но, бидејќи и 1937 година не одговара на бугарската антимакедонска стратегија, во последниве 20-тина години, „вината“ на Тито ја префрлија во 1944 со АСНОМ, иако во 1943 година на АВНОЈ Македонците беа прогласени за конститутивен народ на новата југословенска федерација. На великобугарските шовинисти им одговара повеќе 1944 година, за да се користи до моментот кога фашистичка Бугарија капитулирала, односно да се повикуваат на „доказот“ дека до таа година сме биле „с’шта хора“ со нив, а од тогаш „Тито ги создал Македонците“.

Во 1997 и 1998 година Бугарите усвоија две стратегии за 21 век, во кои се предвидува во овој век да не постојат Македонците ниту во Бугарија, ниту во Македонија, ниту во светот. На пример во тие документи во Македонија живеат 1.400.000 Бугари и ниту еден Македонец, во Хрватска живеат 80.000 Бугари и ниту еден Македонец и тн. Таа стратегија е обврска на секоја бугарска парламентарна и вонпарламентарна партија да работи на нејзиното реализирање, а и самите гледаме дека кога се носат антимакедонски одлуки во бугарскиот парламент се секогаш едногласни. Како најголема можност за реализација на тие цели е влегувањето на Бугарија во ЕУ и НАТО и преку правото на вето да се реализираат нивните стратешки цели. Во таа стратегија се предвидени 17 точки според кои треба да се реализира стратегијата за бугаризирање на Македонците. Сите до една до пред неколку години беа реализирани. Меѓу нив се и оние за придобивање на македонски политичари, македонски новинари, македонски историчари и други јавни личности кои ќе бидат финансиски поткрепени и кои одвнатре ќе го создадат „вртлогот“ што вие го споменавте во вашето прашање.

Меѓу тие 17 предвидени чекори не предвиделе само две работи: првата дека е можно цела влада да работи според нивната агенда, односно онаа на Заев и неговите наследници; и втората работа која не ја предвиделе е реакцијата на македонскиот народ. Значи Македонците се доказ дека ниту се создава ниту може еден народ да се уништи со некаков и нечиј акт или одлука.

Секоја нација има свои национални и историски митови кои се темел на нејзиното формирање и правен и политички континуитет низ годините. Зошто толку е оспорувана македонската национална историја, не од обид да се докажат некакви историски факти, туку да се негира основното право на секоја нација, а тоа е сопствена национална историја?

Светозаревиќ: Да, секоја нација си има свои митови во колективната меморија и токму тие митови беа причина за првите кавги меѓу Македонците и Бугарите во 60-тите и 70-тите години на 19 век. Едноставно Македонците не прифаќале дека нивното потекло е од Кубрат и Аспарух за кои првпат слушнале, ниту прифаќале дека имаат татарско и старобугарско потекло, туку старомакедонско и словенско потекло. Во нивната митологија знаеле за Филип и Александар, Кирил и Методиј, Климент и Наум, Самоил и Крале Марко. Според теориите за нациите, од кои имам многу прочитано, македонската нација ги има сите видови на идеали. Денешната наука - историска, етнолошка, археолошка, генетичка во најголема мерка потврдува дека Македонците во 19 век биле сосема во право, иако се базирале на народните традиции и митови, а помалку на наука.

Во оваа прилика ќе ги цитирам типовите на идеалите на нациите според Ентони Смит:

1. себедефинирање, вклучувајќи соодветно колективно име;

2. Заеднички мотиви и спомени за потеклото, изборот итн.;

3. Карактеристична заедничка јавна култура;

4. Поседување на окупирање на историска татковина;

5. Општи права и обврски за сите членови.

Сите овие идеали ги поседува и македонската нација. Тогаш вашето прашање зошто толку е оспорувана? Затоа што тоа оспорување се базира врз чиста политичко- шовинистичка стратегија на официјални политички ставови само на две соседни држави кои го злоупотрбуваат ветото, а не врз реалната состојба на теренот, не врз основа на слободната волја на народот и не врз основа на науката. Не смееме да ги запоставиме и нивните искажани загрижености, дека со признавањето на македонското малцинство во нивните држави можеби се загрозува и нивниот опстанок. За жал тие факти ги откриваат мотивите и причините за оспорувањето, попречувањето и негирањето преку алатката наречена вето. Повторувам, чиста злоупотреба на ветото. Употребата на ветото значи пред сѐ заштита на сопствените интереси а, не наштетување на интересите на другиот. Нивното попуштање би значело и признавање на македонското малцинство кај нив и признавање на досегашната континуирана антимакедонска политика која нема ништо заедничко со постулатите на ЕУ. Според тоа, ЕУ стана алатка во рацете на Грција и Бугарија против заштитата на основните човекови, малцински и национални права. За жал Европа не може да се извлече од балканската јамка.

Кои лекции од македонската историја според вас треба да се „повторат“, а особено на истите да се „потсетат“ македонските политичари, новинари и јавни личности кои го формираат македонското јавно мислење?

Светозаревиќ: Не треба премногу да мудруваме на тоа прашање туку би им препорачал на сите да ги научат и повторуваат лекциите кои ги наследнивме од нашите претци а, што помалку да веруваат во некои „научни откритија“ за нас од страна на нашите соседи. Со други зборови силно да веруваме на генерациите на знајни и незнајни херои кои своите животи ги предадоа за нивните поколенија, т.е. за нас и за нашите поколенија, посебно преродбениците од 19 век, македонските востаници кресненците, илинденците, партизаните, бранителите на Република Македонија. Сите тие и многу други оставиле длабоки идентитетски маркери. Но, општо познатата максима дека историјата ни се повторува затоа што не ја учиме најмногу важи за лекцијата поврзана со луѓе од наши редови кои кога ќе дојдат до одредени позиции ги напуштаат интересите на народот, го напуштаат и народот и заради лукративни причини се ставаат во функција на туѓи сили и интереси. Не еднаш забораваме на предавствата во востанијата, во политиката, во медиумите, но повторно речиси без исклучок, победувале силите кои останале блиску до народот. Ние всушност ништо не научивме од тие лекции, па народот секогаш ја плаќаше најскапата цена  на домашните извршители на туѓи интереси, доктрини или стратегии. Значи, ни фалат повторувања на лекциите за предавниците, за да можеме лесно да ги препознаваме денес.

Има ли според вас рецепт за подобрување на односите со Бугарија, особено што на ниво на народи не постои масовна омраза како што некој се обидува тоа да го претстави, туку дека имаме суштински разлики во толкување на историските настани. Но, од друга страна, може ли да биде аргумент плус дека ние не „крадеме“ нечија туѓа историја, во случајот на бугарската историја, на пример сосем е јасно за личности како Христо Ботев и други истакната бугарски дејци, кои воопшто ниту се слават ниту се споменуваат во Македонија и во нашата национална историја?

Светозаревиќ: Се согласувам дека мнозинството од двата народи нема ништо против другите. Сепак, лично не гледам дека нешто може брзо да се промени во позитивна смисла за Македонија и Македонците, освен, ако не дојде до еден чудесен и силен политички маневар и менторство во кој ќе учествуваат стратешките партнери на Македонија и други земји пријатели на Македонија. Можам накратко да образложам по неколку основи, дека сегашната состојба во која се наоѓаме е непроменлива:

1. Моменталната преговарачка позиција е влезена во тотален безизлез, затоа што претходната Влада на СДСМ потпиша исклучително тежок договор во кој Македонија има само обврска за отстапки со кои се отвора пат за постапно нарушување на државниот и националниот интегритет. Тој договор е всушност договор за бесконечно редифинирање на Македонија. Нашата позиција е дотолку потешка што Бугарите успеаја тој билатерален проблем да го наметнат како барање на ЕУ. Сега Бугарија е комотна да не гласа за влез на Македонија до бесконечност, се додека го има правото на вето;

2. Во Бугарија е на сила прифатената стратегија за 21 век, која погоре кратко ја образложивме;

3. Во Бугарија уште од времето на Тодор Живков историјата на Македонија како наука и предмет е целосно под контрола на безбедносните служби;

4. Во Бугарија ниту еден Македонец нема пристап до бугарските медиуми, едвам некој бугарски доблесен научник со страв ќе каже дел од вистината, за разлика од македонските медиуми и националните канали кои на дневна основа повикуваат „новопечени Бугари“ во емисија за да ни „држат часови по бугарска историја“, се разбира од она што во последните денови го прочитале во бугарските читанки;

5. За македонските, но и за најголемиот број на бугарски истражувачи се уште не се достапни за истражување архивските фондови на Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана на Царството Бугарија и уште многу други работи за кои ќе се воздржам да ги спомнам, нашата позиција во тој поглед ја прават безизлезна. Со една реченица од Радев да резимираме: „... нема да дозволиме македонизмот да влезе во Европа.“ Тоа  и ќе го сторат ако не им застане моќен фактор на патот.

Нашата актуелна влада со своите барања и одговорот „не“, ги подразбуди, ги вознемири европските бирократи, а тие целите зачудени дека постои некој проблем, дека постојат Македонци и во Бугарија. Но, не се загрижени, тие никаде не брзаат до крајот на нивниот мандат, а потоа ќе дојдат други на нивно место и приказната ќе врти во вртлогот. Треба да ни е јасно дека ЕУ нема ниту капацитет, ниту политичка волја да го реши проблемот, затоа што таа е должна да ги брани позициите на својата членка. Премиерот Мицковски е сосема во право кога вели дека никој не е спремен да гарантира дека бугарските условувања ќе престанат.

Можете да замислите дека првпат после 35 години една влада на сите меѓународни форуми и политички нивоа во Европа и светот јасно и отворено зборува за подршка на македонското малцинство во Бугарија. Единствениот принцип на нашиот политички опстој на меѓународната сцена од сите тие влади се нарекуваше со едно име „отстапки“. Таквата тажна „тактика“ не доведе да на меѓународната политичка сцена сме тотално незабележливи, игнорирани и понижени. Како и во животот, така и во политиката понекогаш одговорот „не“ значи дека постоиш. Нашите политички структури свесно или несвесно покажуваа и правеа ужасни политички потези во надворешната политика, сметајќи дека нивната слепа послушност и вниманието некој да не ни замери ќе донесе резултати, небаре некој ќе се сожали на нас. Наш премиер излезе јавно со стратегијата на „свиткана кичма“, која ги охрабри негаторите да дојдеме во оваа ситуација.

На крајот за „крадењето на бугарската историја“. И таа формулација е бесконечно луда, колку што е негаторска. Таа е широко прифатена меѓу бугарското население и тоа убедување секогаш лебди и во обичните контакти со луѓето. Ниту еден бугарски цар, ниту еден бугарски преродбеник, ниту еден бугарски револуционер или било кој, не само што не ги крадеме, туку не ги прифаќаме и да ни ги дадат за наши. Тоа е менталитетот на Македонецот. На пример прадедо ми Трајче Бајрактар, локален војвода од Тетово од илинденскиот период испаѓа дека сум ѝм го украл на Бугарите. Затоа сметам дека се што беше создадено во правец на понатамошно негирање на македонскиот идентитет е осудено на пропаст, вклучувајќи го и договорот за „пријателство“ и мешовитата комисија како негов продукт.

Х.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?