ТОШКОВСКИ: Шефот на обезбедувањето на Гаши доби кривична и суспензија за инцидентот со Вјоса Османи
Објавено во: Македонија 05 Август, 2024
Шефот на обезбедувањето на собранискиот претседател Африм Гаши, Сабедин Синани, доби кривична пријава и суспензија од работното место за инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром кој се случи пред неколку дена.
По истрагата на Внатрешната контрола на МВР е утврдено дека Синани кој е началник на одделот за лично обезбедување на Гаши, постои основи на сомневање дека ги сторил кривичните дела „Загрозување на сигурноста“ и „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“. За другите двајца полицајци кои го придружувале Синани на аеродромот е поднесен Предлог за постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека тројцата полицајци од Секторот за обезбедување на личности влегле во ВИП салонот, се движеле во простории во кои немале овластување, а Синани на вработените во ТАВ им се заканувал по животот и барал тој да ја спроведе Вјоса Османи со возило до авионот.
„Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024 година околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил во извршување на неговите службени дејствија. Пријавениот С.С. бил испратен на аеродромот од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови“, напиша Тошковски на Фејсбук.
Гаши по иницидентот призна дека тој го испратил шефот на обезбедувањето да интервенира, но не смета дека на таков начин ги прекришил своите овластувања. Објаснуваше дека намерата му била да се надмине недоразбирањето.
Инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на Меѓународниот аеродром Скопје што се случи на 2 август нема да ги наруши добрососедските односи меѓу Косово и Македонија, децидни се премиерите Албин Курти и Христијан Мицкоски по денешната средба во Скопје која, како што рече, била конструктивна и во пријателска атмосфера.