Улогата на деловните жени ќе станува се позначајна за економијата на нашата земја
Објавено во: Македонија 22 Ноември, 2023
Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија, вчеравечер, организираше панел дискусија на тема „Улогата и позицијата на жената во бизнис светот, предности, предизвици и можности!. На свеченото отворање на панел дискусијата, Амбасадор на Република Словенија во Северна Македонија Грегор Прескер објасни дека целта на овој настан е да се даде значење на жените бизнисменки, да се покаже дека жените имаат главна улога во компаниите и во институциите и дека мажите и жените се рамноправни на работа и во секојдневниот живот. „Македонија добро ја следи Словенија во делот на рамноправноста и не постојат табу теми и дискриминации кои некогаш постоеја. Кај нас жените се поприлично рамноправни и тоа е добро за секое општество“, рече Прескер.
Според него, различноста меѓу половите овозможува да се надополнуваме едни со други и да придонесеме кон подобар успех на тимот, проектот, компанијата. „Силно верувам во моќта на жената и пред се, мислам дека жените се одлични преговарачи со чувство за соговорникот, што понекогаш е клучно за деловниот свет. Вие емпатично знаете да ја почувствувате другата страна, што создава услови за преговори со позитивен исход. Мажите и жените целосно се комплементарни и заедно даваат придонес за социјалниот, економскиот и демократскиот напредок на општеството“, рече Прескер.
Само една жена знае како да и помогне на друга жена, поентираше Дита Старова - Ќерими, директор на Националната Галерија која говореше на темата „Предизвиците на жените во областа на културата“.
„Галеријата денес дише со јазикот на уметноста – јазик кој не познава граници, дише со надеж, со гордост, но пред се дише слободно. Во овој дух, ги опфаќа сите прогресивни иницијативи, давајќи им простор да се промовираат и поддршка да го користат обединувачкиот јазик на уметноста во постигнувањето успех. Денес, особено зборуваме за напредокот и предизвиците на жените на лидерските позиции во нашата земја од различни профили. Со овие дискусии се отвораат нови можности да се вмрежуваме и да си помагаме, бидејќи само една жена знае како и да помогне на друга жена. Кога се фокусирате на вашата страст, може да се соочите и да го надминете секој предизвик, вели една фраза“, рече Старова - Ќерими.
Наведувајќи податоци за ефектите од пандемијата и останатите кризи по неа, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска - Бежоска посочи на непропорционалното влијание врз различни економски и општествени сегменти од последователните кризи. „Така, на почетокот на 2021 година, влошувањето кај стапката на вработеност кај жените во споредба со периодот пред пандемијата е значително поголемо во земјите во развој отколку во развиените економии, што дополнително го продлабочило родовиот јаз во глобални рамки. Ист е и случајот со регионот на Западен Балкан, каде се забележува посилен пад кај стапката на активност кај жените, која се сведе на 41,5 отсто во просек за регионот, во споредба со 61,8 отсто кај мажите. Состојбата во 2022 година се подобрува, малку поизразено кај жените во споредба со подобрувањето кај мажите, но кај нас и во Косово стапките на активност на жените сеуште се под нивото од пред пандемијата. Во регионот постои и значаен родов јаз во платите, во интервал од 7-16 отсто, кој кај дел од земјите бележи и тренд на проширување“.
Свесна сум за предизвиците со кои се соочуваат жените на работното место, особено додека се обидуваат да се искачат на корпоративната скала до одлучувачки и извршни позиции, порача Филомена Пљаковска Аспровска, Главен извршен директор и Претседател на управниот одбор КаСис АД Скопје. „Разликите во плати (salary gap), поставувањето повисоки стандарди за жените споредено со нивните машки колеги, соочување со родови стереотипи, едноставно не е лесно за жена да стекне и да се одржи на лидерска позиција. Затоа развојот на женското лидерство го гледам како предизвик и можност. Верувам дека улогата на деловните жени ќе станува се позначајна за економијата на нашата земја и сигурна сум дека иновативните лидерски стилови на жените се одличен извор на идеи за надминување на економскта криза.“, рече Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка и претседател на Управен Одбор на КаСис АД, единствениот процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички во Македонија“, вели Пљаковска Аспровска.
Новинарството во моментот е женска професија и се поголем број од младите новинари се жени.
„Мажите останаа најмногу на уреднички позиции, а најголем дел од основачите на медиумите се мажи, само мал процент се жени. Иако бројките не мора да значат ништо, родово базираното насилство врз медиумите во Македонија не е непознато. Особено во последниот период и особено на дигиталните медиуми и на социјалните мрежи каде најголем број од говорот на омраза е насочен кон жени новинари. Инаку статистиките во Македонија не се бај најсјајни. Жените четири пати помалку застапени од мажите на позиции на донесување одлуки во компаниите во земјава, состојба која не забележува подобрување, туку влошување. Во земјата силно преовладуваат традиционалните родови норми во однос на родовите улоги на жените и мажите па освен што се активни на работа вршат и неплатен труд дома што им влијае на кариерата“, заклучи Александра Томиќ, уредник на Блумберг Адрија Дигитал.
ПР објава
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.