Управителот на хотел „Бисер“ затајувал данок и задржувал пари за себе
Објавено во: Македонија 05 Март, 2017
Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „даночно затајување“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 58-годишниот К.Ш. од струшкото село Ложани. како и против Трговско друштво за угостителство, трговија и услуги „Шуми 81“ што стопанисувало со хотелот „Бисер“ кај Струга, пишува „Макфакс“.
Во текот на 2016 година, пријавениот како управител на ДООЕЛ „Шуми 81“, е осомничен дека за извршените услуги за свадби, крштевки и други свечености во хотелот „Бисер“, не изготвувал соодветни фактури и не издавал фискални сметки и не ги регистрирал во книговодството на фирмата. Тој, во одредени случаи во целост или делумно паричните средства во износ од 315.836 денари ги задржал за себе, евидентирале во полицијата во Струга.
Пријавениот К.Ш. како управител на правниот субјект се товари дека иако знаел дека за реализираните услуги треба да уплати парични средства на име обврски според данокот на додадена вредност (ДДВ) во износ од 63.381 денари и 46.167 денари обврска за персонален данок, сепак тоа не го сторил туку истите ги задржал за себе. По овој основ, пријавениот К.Ш. ја оштетил државната каса за 109.548,оо денари.