16 Декември, 2025
0.1484

Уште колку Мицкоски може да го издржи притисокот од Брисел - Уставни измени или замрзната иднина

Објавено во: Анализа 09 Ноември, 2025 15:48

Добивај вести на Viber

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски дефинитивно не е „омилениот ученик“ меѓу лидерите од Западен Балкан во Европската Унија. По речиси година ипол од неговото доаѓање на власт, и претходно како лидер на опозиција кој не ги поддржа уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, тој и натаму успева да го издржи притисокот од Брисел во однос на блокираната ЕУ интеграција на Македонија. Но прашање е уште колку долго може тоа да го прави.

Неодамнешното претставување на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во изминатата година беше јасен сигнал од Брисел за Мицкоски и актуелната влада. Напредокот е незначителен, а најостар е тонот за недостигот на реформи во правосудството, борбата со корупцијата и партизираноста на институциите.

Мицкоски по врачениот извештај и нескриените критики од Брисел порача дека ако земјата ги спровела уставните реформи по софиски диктат ќе „добиеле петка“, а потоа ќе се соочеле со истата реалност како и досега на европскиот пат – ново вето и нови услови.

Дипломатските напори на премиерот и министерот за надворешни работи, како и на претседателката Гордана Силјановска Давкова наидоа на симпатии кај меѓународната јавност, особено забележливо на јавните форуми на кои ги посочуваа главните позиции на Македонија дека станува збор за изневерени ветувања особено по платената висока цена со Преспанскиот договор, за веднаш потоа да се соочиме со уште едно вето, како и блокада од Софија по веќе склучениот Договор за добрососедство.

Но, овие заложби барем засега не добиваат формален одговор од европските челници, особено не таму каде што е најважно, а тоа е во Европскиот совет каде одлучуваат премиерите и шефовите на влади и држави на земјите членки на ЕУ.

Македонската усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како на пример санкциите врз Русија и осудата на воената агресија во Украина е особено поздравена од Брисел, но и натаму таа лојалност не е „наградена“ со барем некаква компромисна формулација на преземените обврски во насока на „уставни измени со одложено дејство“ или „дополнителни гаранции дека нема да следи ново вето“.

Одредени изјави на еврокомесарката Марта Кос, на европската претседателка Урсула фон дер Лајен и на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта дека нема „план Б“ и дека Македонија мора да ги заврши „домашните задачи“ јасно покажаа дека барем, на јавна сцена не е возможно да се промени преговарачката рамка која беше усвоена во 2022 година откако владата на Ковачевски го прифати т.н. Француски предлог, иако немаше општествен консензус за преземање на тие обврски.

Мицкоски во изминатите 18 месеци сепак, можеше многу поенергично да се занимава со домашната агенда, да се фокусира на неопходните реформи во правосудството, борбата со корупцијата и партизираноста, но ефективноста на Владата беше сведена на основен минимум.

Таа динамика сега се најавува дека ќе биде засилена, откако веќе завршија локалните избори, а Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ веќе имаат апсолутна власт во државата и комотен рејтинг кој може да го „тестираат“ и со похрабри и поризични чекори, како на рефорсмки план така и со понепопуларни политики кои ќе го одредат курсот на државата во следните години.

Темата „Бугари во Устав“, но со „одложено дејство“ веќе срамежливо беше пласирана во мејнстрим медиумите во текот на изборниот процес и сега кога веќе се формираа новите општински власти може да се очекува засилено да се подготвува терен за еден таков исчекор. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување