ВАРИЧЕЛА ИЛИ ОВЧИТЕ СИПАНИЦИ, ШУГА И ЕНТЕРОКОЛИТИТЕ ДОМИНИРААТ ВО ДЕКЕМВРИ: Загрижувачки тренд на пораст на заразните болести во Македонија
Објавено во: Македонија 23 Јануари, 2025
Во Македонија заразните болести покажуваат загрижувачки
тренд на пораст, особено во декември 2024 година. Според извештајот на
Институтот за јавно здравје, регистрирани се 1.623 нови случаи на акутни
заразни заболувања, што претставува зголемување од 92,8 проценти во споредба со
ноември истата година. Во споредба со декември 2023 година, бројот е зголемен
за 4,6 проценти, а во однос на десетгодишниот просек за овој месец, растот
изнесува 8 проценти.
Најчесто пријавените заболувања се:
Овчи сипаници – 1.025 случаи (63,2 проценти од сите заболени во декември).
Ентероколити – 351 случај (21,6 проценти).
Шуга – 137 случаи (7,5 проценти).
Други заболувања како инфективна мононуклеоза, салмонелоза, и вирусен хепатит Б се застапени во помал број.
Особено загрижува зголемувањето на овчите сипаници, кое е повеќе од 2,5 пати во споредба со ноември 2024 година, иако се забележува намалување од 15,4 проценти во споредба со декември 2023 година. Ентероколитите, исто така, бележат значително зголемување од 77,3 проценти во споредба со истиот месец лани.
Географска распоредба и инциденција
Највисока инциденција на заболувања е регистрирана во Штип (196,5 заболени на 100.000 жители), додека најмала е во Охрид (21,2 заболени на 100.000 жители). Најголем број пријавени случаи доаѓаат од Скопје (593 случаи), што претставува 36,5 проценти од вкупниот број заболени.
Групи на заболувања
Заболувањата се поделени во неколку групи:
Капкови заболувања – сочинуваат 65,9 проценти од вкупниот број заболени (главно овчи сипаници и инфективна мононуклеоза).
Цревни заболувања – 23,5 проценти (главно ентероколити и салмонелози).
Сексуално и крвно преносливи инфекции – 1,4 проценти, со регистрирани случаи на сифилис и вирусни хепатити.
Во текот на месец декември 2024 година, не е пријавена ниту една епидемија, ниту смртен случај поврзан со акутно заразно заболување.