Викенд собраниска расправа за ребаланс на Буџетот
Објавено во: Македонија 05 Август, 2017
Пратениците од Собранието на Република Македонија ќе имаат работен викенд во кој мора да се заврши расправата по предложениот ребаланс на Буџетот која стартува денеска во 11 часот со продолжение на 11. седница на чиј дневен ред е ребалансот на буџетот.
Изминативе три дена пратениците од владејачкото мнозинство тврдеа дека со ребалансот се кратат непродуктивните трошења, а се консолидираат проекциите од владината програма за живот во Македонија.
Опозицијата, пак, обвинуваше дека се намалени парите за образованието, здравството, полицијата и армијата, а се кратат и капиталните инвестиции.
Владата со ребалансот сака да скрати 122 милиони денари од предвидените пари за патни трошоци, како и 257 милиони денари за репрезентации, реклами и економски промоции.
Од друга страна, обезбедени се средства за зголемување на минималната плата на 12 илјади денари, средства за стечајците, како и за поддршка на туризмот, малите и средни претпријатија итн.