Викендов не одете никаде без чадор
Објавено во: Македонија 17 Февруари, 2017
За викендот во земјава се очекува облачно и релативно врнежливо време.
Во сабота очекуваме постапено наоблачување. Претпладне врнежи ќе има во шарскиот регион и истите во повисоките предели ќе бидат од снег. Попладне врнежите ќе се прошират во поголем дел од северниот крај на Македонија. Во котлините и на пониските планини очекуваме дожд, а на повисоките места снег.
Во недела претпладне врнежите остануваат застапени во северната половина од земјата, но околу пладне ќе имаат тенденција на преместување кон југ. Од целиот викенд, попладнето во недела ќе биде најврнежливо.
Наоблачувањето ќе ги зголеми минималните вредности на температурата во недела, кога истите ќе бидат позитивни, но само до околу 4 до 5 степени над нулата.
Саботното утро ќе биде релативно студено, со минимална температура слична на оваа од петочното утро.
Максималната температура низ котлините во сабота ќе биде воглавно во границите помеѓу 10 и 13 степени односно околу 15 степени на југоисток, а недела ќе биде посвежа во однос на сабота за околу 3 степени.
Од понеделник повторно ќе имаме стабилизација на времето, а претпладне ќе биде умерено облачно со сончеви периоди. Попладне ќе следи намалување на облачноста и температури од 5 до 12 степени. Во вторник се очекува студено утро со утрински температури од -5 до 3 степени, а во текот на денот претежно сончево и топло со дневни температури од 8 до 15 степени.