Добивај вести на Viber
Вкупно 40 стипендии од по 500 евра ќе додели Владата за доквалификување на менаџери на универзитетот Шефилд. Конкурсот е објавен денеска, а од вкупно предвидените 40 стипендии, 25 се за стратешки маркетинг, а 15 се за финансии.
„Ги охрабрувам сите граѓани кои сметаат дека им е потребна надградба на нивното теоретско и практично знаење во конкретните области, да аплицираат и да ја искористат оваа бесплатна можност што ја нудат МОН и Академијата за менаџери“, вели заменик-министерот за образование Спиро Ристовски.
Директорката на Академијата за менаџери Марија Наковска оцени дека иницијативата на бизнисот за доквалификација е исклучителна погодност за македонската економија.
„Сигурна сум дека кандидатите ќе извлечат бројни придобивки на професионално ниво, а нивното новостекнато знаење ќе придонесе за поголем квалитет во работата и воопшто, просперитет на компаниите“, посочи Наковска.
Поддршката е дел од проектот што го иницираше Сојузот на стопански комори (ССК), а се реализира во соработка со Министерството за образование и наука (МОН) и Академијата за менаџери, еден од шесте факултети на Меѓународниот СИТИ Колеџ на Шефилд. Според извршниот директор на ССК Митко Алексов, да се биде чекор пред конкуренцијата, значи да се биде иновативен, компетентен и квалитетен.
Во изминатите две години преку 250 македонски граѓани од различни стручни профили вработени во приватниот и јавниот сектор, се доквалификуваа на Академијата за менаџери.