ВЛЕН се откажа од рокот од шест месеци што му го даде на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени
Објавено во: Македонија 09 Август, 2024
ВЛЕН, коалициониот партнер на ВМРО-ПДМНЕ, се откажува од шестмесечниот рок за уставни измени што го зададе постизборно пред своите симпатизери. Рокот е прологиран на неодредени време, наводно поради политичката ситуација во Бугарија.
Портпаролот на оваа коалиција - Фари Хисени, денеска како одговор на новинарско прашање, рече дека тоа не е можно во наредниот период бидејќи во Бугарија не може да се избере стабилна влада.
„Да имавме актуелна Влада, функционална, во Бугарија сметам дека веќе ќе имаше и отпочнати преговори за да се постигне договор меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Така што, имајќи ја предвид состојбата во Република Бугарија сметам дека има простор тука, во координација со меѓународниот фактор да се пролонгира рокот.“, рече гласноговорникот на ВЛЕН.
Евроинтеграциите беа еден од клучните приоритети и услови на ВЛЕН при составот на владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Од коалицијата неколку пати потенцираа дека дале рок од шест месеци да има исчекор на ова поле.
Од друга страна премиерот Христијан Мицкоски велеше дека со рокови и ултиматуми не работи.