ВРЕДЕН РАБОТНИК НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО „СКРАТЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ“ – ОВА Е ДИНО: Патувањето е вистинско задоволство откако ќе го погалите златниот ретривер
Објавено во: Македонија 29 Јануари, 2025
Дино, златен ретривер со најтоплата насмевка и златно срце,
е вистинската ѕвезда на скопскиот аеродром. Но, тој не е таму за да трага по
забранети супстанции или да се грижи за безбедноста, неговата задача е далеку „помека“, но не помалку важна. Дино е првото „зен-куче“ во Македонија,
посветено на една единствена мисија: да им донесе спокој, насмевки и радост на
патниците кои често се затечени во стресот и возбудата што го следат секое
патување.
Наместо да трча по трагите на сомнителни мириси, Дино слободно шета низ терминалите, излезите и чекалниците, поканувајќи ги патниците на кратка пауза од грижите. Со својата топла природа и нежна енергија, тој ги привлекува сите – од најмладите до највозрасните патници. За многумина, тој е вистинска терапија, неочекуван пријател кој го претвора моментот на неизвесност во среќна пауза.
Овој крзнен пријател, со својот совршен „зен“ карактер, стана симбол на утеха и добро расположение. Иако неговата работа е со„скратено работно време“, ефектот што го остава врз патниците е траен.
Во изјава за Фактор, од Меѓународниот Аеродром Скопје ТАВ велат дека Дино е во оваа служба повеќе од два месеци.
-Дино, златниот ретривер, зен-кучето на Меѓународниот аеродром Скопје и нов крзнен пријател на патниците на скопскиот аеродром, кој истовремено е и добро обучено терапевтско куче. Тој од минатата година „работи“ на Меѓународниот аеродром Скопје или поточно Дино за првпат беше на аеродромот на 22 ноември 2024 година. Присуството на Дино на аеродромот и многубројните патници кои патуваат од Меѓународниот аеродром Скопје и му приоѓаат на нашиот крзнен пријател е доказ дека Дино ја има таа позитивна енергија што се шири меѓу патниците. Луѓето едноставно се воодушевени што го гледаат Дино и позитивната атмосфера што ја пренесува и што имаат шанса да се галат и да си играат со него пред полетување. Понекогаш патниците го галат и се потсетуваат на милениците што ги оставиле дома, децата се исто така исклучително среќни кога си играат со него, особено кога го хранат со специјалните грицки и го гледаат неговиот израз и „насмевката“, појаснуваат од компанијата.
Присуството на Дино на скопскиот аеродром е повеќе од обичен момент на радост – за многу патници, тоа значи олеснување и мал одмор од напнатоста што често го придружува патувањето. Во динамичната атмосфера на терминалите, каде стресот од куферите, чекирањето и полетувањето е секојдневие, Дино е како зрак светлина. Со само едно навремено чукање на шепата или топло прислонување до некој патник, тој успева да внесе чувство на мир и сигурност.
Еве што велат некои од патниците во сторијата на АП кои имале прилика да се дружат со овој посебен ретривер:
„Знам дека многу луѓе се под стрес кога треба да полетаат,“ вели Иван Караџиќ, патник од Србија, по неговата средба со Дино на излезите за полетување. „За мене ова многу ќе помогне... Го гледам како пријател.“
„Тоа е супер идеја,“ се согласува Јустина Кулвијете, патничка од Шведска. „Веднаш се чувствувам подобро и помалку анксиозна, бидејќи околу мене има толку симпатично куче.“
Покрај позитивните реакции од патниците, од Меѓународниот аеродром Скоје за Фактор посочуваат дека присуството на Дино е дел од поширока иницијатива за подобрување на целокупното искуство на патниците.
„Свесни сме дека патувањето може да биде стресно, па затоа и си поставивме за цел да го направиме патувањето на нашите патници да биде уште порелаксирано. Дино ќе биде наш гостин и наш ‘колега’ пред излезите, овозможувајќи им на нашите драги патници да се забавуваат и да се релаксираат пред нивниот лет. Оваа иницијатива на ТАВ Македонија има за цел да создаде пријатна атмосфера на аеродромот и дополнително да го подобри искуството на патниците, велат оттаму и додаваат дека Дино е дресиран во дресура Киско, но, дополнително, и неговите сопственици исто така многу работат и се посветени на него.
Анита Буховски