ЗАЕВ И МИЦКОСКИ OДАТ НА ЛИДЕРСКА: Денес ќе има појасна слика за тоа кога ќе се одржат избори
Објавено во: Македонија 20 Октомври, 2019
Првите луѓе на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на денешната лидерска средба кај шефот на државата, Стево Пендаровски во претседателската вила Водно, треба да го утврдат датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Лидерската ќе почне во 17 часот.
Бидејќи Европскиот совет во петокот не ѝ додели датум на Македонија за почеток на преговори со ЕУ, премиерот Заев предложи брзи предвремени избори, на кои ќе им претходи техничка влада 100 дена пред нивното одржување.
За Заев потребни се избори, за да се слушне гласот на граѓаните по кој пат да оди земјава, ‘по вистинскиот пат на демократски и европски вредности, патот на развој и просперитет што води напред или по мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти што води назад‘. За Мицкоски по самитот во Брисел нема друг избор освен избори.