ЗАГРИЖЕНОСТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ ОД ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА РАСТЕ: „Не излегуваме навечер кога комарците се најактивни“
Објавено во: Македонија 04 Септември, 2024
Третиот случај на
вирусното заболување западнонилска треска внесе вознемиреност меѓу граѓаните.
Тие се соочуваат со зголемена загриженост поради продолжените топли
денови и зголемениот број на комарци, кои се главните преносители на инфекцијата.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, оваа болест се регистрира со
спорадични случаи, најчесто кај пациенти со невроинвазивна форма на болеста.
Климатските промени и порастот на вектор преносливите заболувања создаваат
услови за понатамошно ширење на вирусот, што сега, по третиот регистриран случај, посебно го загрижува
населението.
-Многу сум загрижена откако слушнав за третиот случај на западнонилска треска во Македонија. Фактот дека заразената жена од Тетово не патувала никаде и се заразила од комарци дома е навистина страшен. Гледам дека вирусот не е увезен, што значи дека е тука, меѓу нас.
-Дали ситуацијата е аларамантна, не знам, но јас живеам во Тетово и кога дознав дека моја сограѓанка се заразила по каснување од комарци без да патува, стравот се зголеми. Почнавме да избегнуваме да излегуваме надвор, особено во вечерните часови кога комарците се најактивни.
Институтот за јавно здравје наведува дека вектор преносливите заболувања стануваат се поважен здравствен предизвик во Република Северна Македонија, менувајќи ја динамиката на заразните болести во земјата. Климатските промени значително влијаат на распространетоста и активноста на векторите како комарците, што ги зголемува шансите за ширење на болести како западнонилската треска, лајмската болест, и некои хеморагични трески. Овие болести се веќе присутни во Македонија, а ризикот од нови случаи, особено во пролетно-летниот период, останува среден.
Инфектолозите и епидемиолозите предупредуваат на сериозноста на вирусот West Nile (WNV), кој е присутен на речиси сите континенти и најчесто се пренесува преку комарци кои каснуваат заразени птици. Овој вирус може да предизвика различни форми на болест кај луѓето, од благи симптоми до тешки и потенцијално смртоносни инфекции како воспаление на мозокот. Особено загрижува фактот што не постои специфична терапија или вакцина за луѓето, а опоравувањето може да биде долготрајно и комплицирано, со симптоми кои значително го нарушуваат квалитетот на животот.
Тие истакнуваат дека, иако повеќето инфекции поминуваат без симптоми, кај мал број од заразените, болеста може да се развие во сериозна форма, што е особено ризично за постарите лица. Поради ова, се препорачува строго придржување до мерките за превенција и заштита од комарци, како и контрола на нивната популација, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Инфектолозите велат дека West Nile вирусот (WNV), кој потекнува од Уганда и е откриен во 1937 година, претставува значителна закана за јавното здравје. Овој вирус, кој се пренесува преку каснување од заразени комарци, може да предизвика сериозни болести кај луѓето, со стапка на смртност која се движи меѓу 3-15 проценти, особено кај постарите лица.
Сезонскиот надзор над ова заболување во Европа се врши од јуни до ноември месец, односно во сезоната на можно пренесување, во услови на масовно присуство на комарците, како вектор за заболувањето. Иако повеќето инфекции поминуваат без симптоми, сериозните форми на болеста, како воспаление на мозокот, може да бидат смртоносни. Во минатото, вирусот предизвикал епидемии во различни делови од светот, вклучувајќи ги САД, Европа и Африка.
Анита Буховски
фото: EPA-EFE/JAGADEESH NV