100% барокна зграда, 30% атмосферска канализација
Објавено во: Македонија 11 Август, 2016
Саботната поплава, која имаше катастрофален епилог, покрај фекалиите, гo изнесе на површина и проблемот со неизграденоста на канализациската мрежа во Скопје. За жал, мораше да се случи несреќа која однесе над 20 човечки животи и предизвика огромна материјална штета за повторно да се реактуелизира проблемот со измешаните приоритети на надлежните институции. Имено, во ситуација кога главниот град се соочува со слаба изграденост на атмосферска канализација, а и голем дел од постоечката е со недоволен капацитет, надлежните трошат 10 милиони евра за изградба на барокна зграда на ЈП Водовод и канализација.
Во Програмата за развој и работа на ЈП Водовод и канализација за 2015 година, која може да се најде на интернет страницата на претпријатието, стои податокот дека атмосферската канализација во главниот град е изградена само 30 проценти, додека фекалната 76 проценти.
„Незадоволителната состојба со фекалната канализација, изградена околу 76% е резултат на фактот дека имаме цели населби во кои не е изградена фекална канализација, па при постоење на водоводна мрежа отпадните води се испуштаат или површински или во јами, со што се загадуваат подземјето, а посебно подземните води.
Во најлоша состојба е изграденоста со атмосферска канализација, која е основно средство на градот и општината, а ние како ЈП ја одржуваме. Изграденоста на атмосферската канализација е околу 30% од планираната со развојните документи на градот Скопје“, е констатирано во програмата.
Населените места кои беа најпогодени од поплавата немаат ниту фекална, ниту атмосферска канализација.
Во програмата на ЈП Водовод и канализација пишува и дека канализациската мрежа (атмосферска и фекална), што ја одржува претпријатието е во вкупна должина од 973.259 метри односно 7.786 метри по вработен. Потоа се констатира дека светските стандарди предвидуваат еден работник да одржува околу 2.000 метри мрежа, што е речиси четири пати помалку од скопските стандарди. Ова упатува на заклучокот дека Водовод нема доволен кадровски потенцијал за нормално одржување на атмосферската канализација.
Во исто време, јавното претпријатие гради нова административна зграда во барок стил, која наскоро треба да биде пуштена во употреба. Објектот е дел од проектот Скопје 2014 и чини десет милиони евра. Неговата изградба трае веќе пет години, со оглед на тоа што првиот изведувач, австриската компанија „Алпине Бау“ банкротираше, па имаше застој во градежните работи додека проектот не го презеде новиот изведувач „Алдинг инженеринг“. Во јуни 2014, ЈП Водовод и Канализација зема и кредит во висина од 7,3 милиони евра, а овие пари беа наменети за завршување на барокната зграда. Тогаш од раководството на Водовод објаснија дека се задолжуваат со цел изградбата на зградата да не ја загрози финансиската стабилност на претпријатието односно исплатата на тековните активности, платите и одржувањето на мрежата.
Според неодамнешните изјави во дел од медиумите на актуелниот директор на ЈП Водовод и канализација, Александар Атанасов во 2015 година во канализациската мрежа се инвестирани 15,2 милиони денари односно околу 250.000 евра.
Р.Ф.