„АУТОМАКЕДОНИЈА“ СТАНА ГАЗДА НА БРОКЕРСКО ОСИГУРИТЕЛНО ДРУШТВО - еве кој таму ќе биде нов член на Управен одбор
Објавено во: Економија 06 Декември, 2024
Осигурителното брокерското друштво АМ Брокер, кое досега било во доминантна сопственост на Тони Лукановски и Зоран Василевски, сега има нов главен „газда“, а тоа е компанијата „Аутомакедонија“.
Во акционерската структура на „Аутомакедонија“, пак, како што е познато, меѓу главните акционери се трите деца на познатиот бизнисмен Светозар Јаневски, Јане, Драгана и Кирило, кои поседуваат по 6,78 отсто од капиталот, но значајни сопственици во акционерската структура се Иванка Мојсова, која располага со 22,48 отсто од акциите, како и Милан Ивановски, кој поседува 17,99 проценти од акционерскиот капитал на компанијата.
Пред неколку дена на Берзата се случија блок трансакции преку кои беа продадени 200 акции на Аутомакедонија, за сума од 120 илјади евра.
Со овие 200 акции и со претходно 200 кои ги поседувала Аутомакедонија, сега компанијата станува сопственик на 400 акции, што е 80 отсто од АМ Брокер, и со тоа компанијата станува практично управувачки сопственик на ова брокерско осигурително друштво.
„Известуваме дека акционерот на Македонска берза АД Скопје – АМ Брокер АД Скопје, заклучно со 29 ноември годинава изврши порамнување на трговска трансакција врз основа на купопродажба на хартии од вредност, и тоа Друштвото за внатрешен и надворешен промет АУТОМАКЕДОНИЈА АД Скопје како купувач се стекна со 80 отсто од вкупниот број на хартии од вредност согласно извршената продажба од продавачите на хартии од вредност Тони Лукановки и Зоран Василевски“, се вели во објавата која компанијата ја даде на Берзата.
А, од компанијата известија и дека уште од јуни годинава била направена промена во управувачка структура на друштвото, односно промена на член на Управен одбор, и на местото Џон Кирил Јоновски од Скопје, била назначена Кристина Ружиновска од Скопје како член на Управен одбор на Осигурителното брокерско друштво АМ БРОКЕР АД Скопје.
Инаку, Аутомакедонија во првите девет месеци од годинава објави нето добивка од близу 400 илјади евра, што значи дека таа компанија полека но сигурно „гази“ во се поуспешни и попрофитабилни води, а резултатот што го оствари за првите три квартали од годинава е за пофалба, бидејќи во однос на истиот период од минатата година е регистрирано зголемување за 46 проценти.
Од самата компанија многу прецизно објаснија што ја зголеми нивната добивка. Имено, станува збор главно за зголемена продажба на возила во комерцијалниот сегмент, што донесе и повисоки приходи и поголема добивка за ова акционерско друштво.
Н.Н.Ф.