Багерите се повлекоа, калта остана на улиците низ Стајковци!
Објавено во: Македонија 25 Август, 2016
Купишта старо железо-само тоа останало од десетици бормашини и алати во работилницата на семејството Радевски од скопско Стајковци. Круне и неговата сопруга Благојка ги прибираат остатоците од покуќнината, апаратите за домаќинство, алатот од кој со години леб вадел нивниот син.Сите покриени со кал и прашина. Сега велат практично немаат ништо. Поплавата ја зафатила куќата, гаражата, работилницата. На надворешните ѕидови сеуште има траги кои сведочат за висината на надојдената вода. Мирисот на влага се шири низ домот на Радевци.
“Фасадата се рони, да го допрам паѓа ѕидот. Минатата година ја реновиравме куќата и си рековме може да здивнеме. Паркетот во куќата се крена од водата, го извадивме целосно. Сега треба време да се исуши подот па повторно да го наредиме. Каде и да се свртам се е уништено. Мебелот мириса на влага. Повеќето предмети ги исфрливме. Алатот не работи. Беше со денови во кал и вода. Огромна е штетата,се што прибиравме цел живот го изгубивме за неколку часа. Сега кога гледаме е уште поболно” - раскажува Благојка Радевска.
Семејството Радевски живее на улицата “11” која беше една од најпогодените од невремето и која и по скоро три недели е покриена со дебел слој на кал и отпад. Со денови заедно со соседите сами расчистувале во дворот и куќата. Помош велат досега не добиле. Ниту во механизација за расчистување, ниту пак авансната помош од 500 евра.
“Нашата и уште неколку куќи беа мислам најпогодени. Од првиот ден сами чистиме за да се спаси барем нешто ако останало. Но секој ден надежта беше се помала. Паричната помош сеуште не сме ја добиле. Вчера бевме во банка, ни рекоа да дојдеме до крај на неделата”-додава Круне Радевски.
И нивните соседи велат дека сами ги санирале штетите. Багерите раскажуваат дека ги чистеле главните улици но споредните останале грижа на самите жители. Откако Дирекцијата за заштита и спасување пред два дена прогласи дека кризната состојба завршила и ја повлече целосно механизацијата од терен, жителите на погодените места сега очекуваат помош од локалната власт. Стравуваат дека со оваа динамика на терен брзо ќе ги стигне и зимата, а нивните проблеми ќе бидат заборавени.
Судбината на семејството Радевски ја делат уште илјадници семејства во скопскиот и тетовскиот регион кои беа погодени од катастрофалната поплава. Сега велат дел од нив, им останува само надежта дека ќе успеат животот во своите домови да го вратат во нормала или барем приближно на она што е во нивните сеќавања од пред поплавите.